X
 20.10.2023 Живот

Оваа држава од САД им давала на луѓето по 1.000 долари месечно, па се намалил бројот на бездомниците

Бездомништвото е проблем што многу градови се обидуваат да го решат. Иако не постои универзално решение, едно истражување покажа дека мала помош може да ги одведе оние во ранлива позиција на вистинскиот пат.

„Проект за основен приход во Денвер“ покажа дека директната парична помош го намалува бездомништвото, го подобрува менталното здравје и ја зголемува вработеноста кај лицата без дом.

За истражувањето, на 800 бездомници на Денвер им биле доделени месечни исплати, без никакви услови. Тие биле поделени во три групи: една група добивала 1.000 долари месечно во период од една година, втората добила  6.500 долари однапред, а потоа по 500 долари месечно, а третата група добивала само 50 долари месечно.

По шест месеци, многумина од учесниците изјавиле дека се чувствуваат побезбедно и дека имаат постабилни услови за живеење.

- Многу учесници изјавија дека ги искористиле парите за да го платат долгот, да си го поправат автомобилот, да обезбедат дом или да се запишат на курс - вели основачот и извршен директор на „Проект за основен приход во Денвер“.

Марк Донован првпат го создал овој проект за приходи во 2021 година. Откако заработил од „Вуден шипс“, компанија за облека специјализирана за џемпери за жени, тој одлучил да искористи дел од тие пари за добро. Со придонес од 2 милиони долари од градот Денвер, тој почнал да им дели пари на други луѓе.

Се разбира, резултатите варираат во зависност од тоа колку пари добиле луѓето. Додека оние што добиле 50 долари не пријавиле значително подобрување, па дури и се чувствувале како да се под поголем стрес, оние што добивале 500 долари месечно или повеќе забележале драматична промена. Според привремениот извештај, 8 отсто од учесниците изјавиле дека на почетокот спиеле надвор, што паднало на 2 отсто по шестмесечното следење. Во меѓувреме, 23 отсто изјавиле дека спиеле во засолниште пред експериментот, што било намалено на 10 отсто шест месеци подоцна.

И други градови започнале слични проекти, како Сан Франциско и Ванкувер. Овие градови се познати по високите трошоци за живот.

Ќе бидат потребни многу системски промени за целосно да се искорени бездомништвото. Сепак, ветува тоа што може да се види дека со користење алатки кои веќе се достапни, на ранливите популации може да им се помогне на конкретни начини, подобрувајќи ја нивната ситуација на долг рок.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот