Еден германски работодавец одлучил на своите вработени да им даде слободни денови онолку колку што тие сакаат - без тоа да влијае врз нивната плата.
Станува збор за 41 годишниот Улрих Кастнер, шеф на компанија во Лајпциг која се занимава со хотелски бизнис. Тој своите 37 вработени одлучил да ги награди токму на овој начин.
„Мојот тим покажа дека знае како да преземе одговорност. За мене тоа е и поентата во оваа работа. Моите вработени не треба да работат според правила туку според постигнување на поставената цел“, објаснува тој.
Тој додава дека неговата главна грижа е да нема заостанување во работата, а оваа нова мерка која ја вовел му олеснува и нему бидејќи таа води кон подобар баланс помеѓу приватниот живот и работата.
Вработените се воодушевени од овие промени, меѓутоа, како вистински Германци ќе ги искористат предностите во разумна мерка и ќе продолжат исто како и претходно - со околу 25 до 30 слободни денови.