X
 20.11.2023 Наука

Научници создадоа фоликули на косата со 3Д-печатач

Научници ги испечатија првите фоликули на косата со 3Д-печатач, што ги зголеми надежите за лек за ќелавост.

Истражувачи од САД првпат испечатија 3Д-фоликули на косата во ткивото на човечката кожа. Ова е голем чекор напред, а исто така и поттик за тестирање лекови и пресадување кожа.

- Нашата работа е доказ за концептот дека структурите на фоликулите на косата може да се создадат на многу прецизен, репродуктивен начин со користење 3Д-биопечатење - вели д-р Панкај Каранде, вонреден професор по хемиско и биолошко инженерство, кој ја водел студијата.

Овој тип автоматизиран процес е потребен за да се овозможи идното биопроизводство на кожа. Реконструкцијата на фоликулите на косата со помош на човечки клетки е предизвик.

- Некои студии покажаа дека ако овие клетки се одгледуваат во тродимензионална средина, тие потенцијално можат да произведат нови фоликули на косата, а нашата студија се надоврзува на оваа теорија- додава тој.

Фоликулите на косата помагаат во одржувањето на влажноста, ја регулираат телесната температура и складираат матични клетки кои ѝ помагаат на кожата да заздрави кога е повредена.

Тим од Политехничкиот институт „Ренселер“ во Њујорк дозволил примероците од кожата и клетките на фоликулите да се делат и да се размножуваат во лабораторија додека не добие доволно за печатење. Секој вид потоа се меша со протеини и други материјали за да се создаде „биомастило“. Кожата потоа се печати, слој по слој, со многу прецизна игла, додека се создавале и канали за таложење на влакнести клетки.

Моменталниот животен век на овие ткива е две до три недели, што не е доволно за да се развие косата. Сепак, истражувачите се надеваат дека ќе го продолжат овој период, дозволувајќи му на фоликулот дополнително да созрее и на крајот да расте косата.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука