Кожата е еден од најтргуваните производи во светот и дел од индустрија чија вредност се проценува на 80 милијарди долари. Користењето животински производи и штетни хемикалии е проблематично за активистите за права на животните, но и за оние што се борат за зачувување на природата.
Двајца претприемачи од Мексико успеале да направат алтернатива за кожа која не е толку штетна за околината, а го има истиот изглед. Адријан Лопез Беларде и Марте Казарез создале метод за претворање кактус во веганска кожа која изгледа реалистично. Оваа алтернатива ја нарекле десерто.
Веганската кожа се прави од кактус кој растел на плантажата на претприемачите во мексиканската држава Закатекас. Кактусот е познат по својата груба и дебела кожа, што ја прави совршена текстура за симулација на животинската кожа.
- Идејата за користењето на овој материјал се роди бидејќи на ова растение не му треба вода за да расте, а го има во изобилство во Мексико. Исто така, тоа симболично ги претставува сите Мексиканци и сите го знаат тоа - вели Лопез Беларде.
Претприемачите моментално поседуваат плантажи од 2 хектари, а може да се прошират до 40 хектари. Тие може да произведуваат 500.000 метри веганска кожа месечно. Во производството, созреаните листови се сечат од растението, се чистат и се толчат, а потоа се оставаат на сонце за да се сушат три дена пред процесирањето. Потоа може да се бојат со природна боја со помош на одредени методи. Резултатот е веганска кожа која е органска и може да се користи речиси една деценија.
Досега компанијата на двајцата Мексиканци работела на седишта за автомобили, чанти, па дури и облека. Кожата од кактус не содржи пластика и нема негативно влијание врз околината. Кожата била претставена на саем за произведувачи на кожа во 2019 година, а коментарите биле позитивни. Во моментов брендот е во преговори за проекти во повеќе индустрии и работи на создавање веганска кожа достапна и за помалите бизниси.
Автор: Џесика Стјуарт
Извор:
mymodernmet.com