Ширакава, село сместено на јапонските Алпи, е популарно низ цел свет поради идилата што ја создаваат карактеристичните куќи со коси покриви.
Сместено меѓу високи планини и густи шуми во централна Јапонија, освен по прекрасната природа, ова село се карактеризира со традиционални куќи наречени гашо-зукури, а се препознаваат по сламени покриви кои потсетуваат на раце склопени како за молитва.
Неопходно е да се замени сламата на покривите на секои дваесет години, па не е невообичаено да се видат Јапонците како ги подготвуваат куќите да ги издржат студените зими со многу врнежи.
Во раните 90-ти години ова село во префектурата Гифу беше вклучено на листата со светско наследство на УНЕСКО, што го зголеми бројот на туристи.
Малата рурална заедница со 1.600 жители годишно ја посетувале 2,15 милиона туристи од целиот свет. Меѓутоа, во 2019 година властите одлучија да ги ограничат посетите со воведување листа на чекање за туристи, а следната година Ширакава повторно го разбуди интересот кога се најде на холандската листа со најодржливи дестинации во светот.
Освен што живеат во хармонија со природата и избегнуваат масовен туризам, Холанѓаните ги пофалија и строгите мерки за заштита од пожари во јапонските села. Бидејќи дрвените куќи со сламени покриви се чувствителни на пожар, жителите рутински го заобиколуваат селото неколку пати на ден за да го заштитат од пожар.
Кога во 2019 година избувна пожар во една од куќите, сите мештани побрзаа да им помогнат на пожарникарите за да го заштитат селото од пожарот. Покрај тоа, во селото е забрането пушење за да се спречат несреќи.
Од почетокот на 2021 година општинските власти, вклучително и владата на префектурата Гифу, преземаат строги мерки за заштита на локалното население од пандемијата, па на туристите им се препорачува да се запознаат со забраните и правилата пред да го посетат.
Фото: Freepik