21.01.2019
Живот
Германија депортирала рекорден број бегалци во држави од ЕУ
Германија депортирала рекорден број бегалци во држави-членки на Европската Унија. Тоа го објави германскиот весник „Зидојче цајтунг“ повикувајќи се на податоци на федералните власти побарани од пратеник на левицата.
Повеќе од 8.600 луѓе се депортирани во други држави во рамки на ЕУ во периодот јануари – ноември 2018 година. Тоа е историски максимум за Германија.
Бројот на депортирани е значително зголемен во споредба со 2017 година – од 7.102 лица за 12 месеци до 8,658 луѓе за 11 месеци.
За нецела година, 2018, германските власти испратиле во други држави од ЕУ повеќе од 51.500 молби за прифаќање бегалци. Повеќе од 35.000 од тие молби се одобрени.
Минатата година Германија не вратила ниту еден мигрант во Унгарија. Само петмина ѝ се предадени на Грција.
Држави од ЕУ ѝ предале на Германија 7.205 мигранти, од кои речиси половината се протерани од грчките власти.
Извор: МИА