X
 22.06.2018 Живот

Повозрасните работници не се товар, тие вредат злато

Премногу се бавни, неприспособливи, расеани и често одат на боледување. Ова се некои од предрасудите за постарите работници кои од „Мерцедес“ се обидуваат да ги разбијат.

Оваа компанија организира изложба во Берлин што досега ја посетија 80.000 луѓе, вклучително и 2.500 менаџери на фабрики. Посетителите можеа да избираат меѓу два влеза - за помлади и за постари, а внатре можеа да ги тестираат меморијата, рамнотежата, тимскиот дух, силата на стисокот, колку далеку можат да скокнат и како најлесно се одмораат.

- Многу предрасуди во врска со стареењето веќе не важат. Секоја возраст си има потенцијал... Старосната разноликост носи разноликост во искуствата, перспектива и нови идеи - истакна Маркус Шаефер, шеф на производство во „Мерцедес“.

Покрај изложбата, беше покрената и корпоративна видеоплатформа на која постарите работници им покажуваат на помладите како да ги извршат посложените работни задачи и на тој начин им пренесуваат искуства.

Компанијата лансира и заеднички тренинг на тинејџери-почетници и работници постари од 50 години. Покрај тоа, постарите работници ги тестираат и егзоскелетите, кои го намалуваат оптоварувањето на телото при инсталирањето на деловите над главата, а во текот на смената тие ги менуваат работните позиции за да се намали бројот на повторувања на истите движења на телото.

Фото: Mondo

На постарите работници им е овозможено да работат половина работно време, а во ривалската компанија „Бе-ем-ве“ во халите се поставени дрвени подови за да се намали оптоварувањето на колената.

Просечната старост на 136.000 вработени во „Даимлер“ е 44,7 години и сигурно нема да се намали во следните години.

Според податоците од „Бе-ем-ве“, до 2020 година процентот на работници постари од 50 години ќе се зголеми на 35 отсто, додека во 2014 година беше 25 отсто.

Демографските експерти сметаат дека компаниите треба повеќе да вложуваат во работниците постари од 50 години бидејќи е јасно дека нема доволно квалификувани работници меѓу помладата популација. Во следните години компаниите ќе имаат повеќе обврски кон 55-годишниците на кои ќе им останат уште 12 години до пензија.

Во Германија до 2030 година старосната граница за пензија постепено ќе биде поместена од 65 на 67 години
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот