Во 2007 година Муса Јар'Адуа беше избран за претседател на Нигерија на избори кои имаа толку маани, што една од неговите најголеми постапки како претседател беа изборните реформи.
Благодарение на него и поради напредокот постигнат оттогаш, изборите како оние од 2007 денес не се можни. А најголемата причина за тоа е што нигериската Независна национална изборна комисија (ИНЕЦ) ја прифати технологијата. Додека изборите во Нигерија не се целосно електронски, користењето на трајните гласачки картички (ПВЦ), верификувани од електронски читачи на картички за акредитирање на читателите, се покажаа како голем скок.
Според сегашниот систем, гласачите се појавуваат на гласачките места и нивните картички се верификуваат со читачите пред да бидат пуштени да гласаат. Проверката од два чекора ги елиминира двојните проблеми на лажно претставување и повеќекратно гласање - тактики за местење на избори кои претходно не можеа да се скротат. Ова е голема промена од минатото кога само ливчето (кое лесно можеше да се фалсификува) беше доволно за гласачите да можат да го остварат своето право на глас.
- Паметните читачи на картички и ПВЦ-ата беа многу важна иновација која навистина го зајакна кредибилитетот на изборите - вели Ричард Клајн, советник за избори во Националниот демократски институт (НДИ).
Тоа што има подобрувања кога станува збор за сигурноста на изборите ги натерало политичарите одново да ги осмислат нивните тактики за кампања за да можат директно да допрат до гласачите и да ги убедат.
ИНЕЦ, која минува низ последниот тест за кредибилитет по одложувањето на претседателските избори, направи конкретни чекори за заштита на сегашниот систем. Тоа вклучува програмирање на читачите да работат само на одредени локации и за време на одредени временски рамки на денот на изборите, односно во сабота.
Комисијата се покажа како проактивна во решавањето на проблемите поврзани со читачите. Ејитеми Егбеџул, консултант за сајбер-безбедност кој работел на тестирањата на читачите како консултант од трета страна пред тие да се искористат првпат во 2015 година, вели дека ИНЕЦ ги решила сите идентификувани безбедносни прашања пред изборите. Пред овогодишните избори комисијата го надградила системот.
Но, и покрај големиот напредок, начинот на работа на ИНЕЦ е далеку од совршен. Технологијата на комисијата може да биде поткопана од луѓето ако изборните службеници решат да ги „напуштат“ читачите на денот на изборите како резултат на заплашувањата од партиските луѓе или во обид да се забрза гласањето, смета Клајн.
Средувањето на резултатите, кое сè уште се врши рачно, исто така е слабост и има сомнежи дека постојат манипулации. Има загрижувања и за транспарентноста бидејќи сè уште не е објавен вкупниот број на собрани ПВЦ.
Политичките партии и службеници исто така сè уште се обидуваат да го измамат системот, па тактиките за купување на гласовите - преку нудење пари или храна како замена за глас - станаа сè подрски. Тука е и стравот од можното заплашување на гласачите.
Одложувањето на изборите исто така покажува дека ИНЕЦ не може да си ги реши долготрајните логистички проблеми.
Како и да е, и со толку проблеми, Клајн, кој е ветеран набљудувач на изборите во
Нигерија, вели дека изборите денес таму се многу подобри. Според него, прашањето не е дали Нигерија има добар изборен систем, туку дали процедурите што ги осигуруваат изборите ќе се почитуваат на денот на изборите.