X
 21.02.2022 Наука

Моќта на мозокот не забавува додека не наполните 60 години

Во вашите 20-ти години можевте брзо да проценувате, но сега чувствувате како да ви треба многу повеќе време за да реагирате на прашања, одлуки и предизвици.

Не грижете се, не е дека ја губите моќта на мозокот.

Вашето време на одговор има тенденција да се забавува како што стареете, но една нова студија тврди дека тоа не е затоа што брзината на вашиот мозок се влошува.

Според извештајот објавен на 17 февруари во списанието „Нејчр хјуман бихејвиор“, вашиот мозок останува пргав како и секогаш додека не наполните 60 години.

Зошто тогаш многу претходни истражувања ги наведоа експертите да веруваат дека менталната брзина достигнува врв на 20-годишна возраст?

Тоа е затоа што вашето време на одговор е попречено од фактори надвор од вашата ментална („когнитивна“) острина, вели водечкиот истражувач Миша фон Краузе, научен соработник од Институтот за психологија на Универзитетот „Хајделберг“ во Германија.

- Нашето истражување покажува дека ова забавување не се должи на намалувањето на брзината на когнитивното процесирање. До подоцнежна возраст брзината на обработка на информациите во задачата што ја проучувавме едвај се менува - вели Фон Краузе.

За ова истражување Фон Краузе и неговите колеги анализирале податоци од повеќе од 1,2 милион луѓе кои учествувале во онлајн експеримент кој го мери времето на нивното реагирање на тест на мозокот.

Учесниците морале да категоризираат избор на зборови и слики што светкале на екранот со притискање на точното копче како одговор. Времето на одговор на луѓето почнало да се забавува по 20-тата година од животот, објавија истражувачите.

Но, анализирајќи ги податоците поблиску, истражувачите откриле дека бавните одговори најверојатно се должат на фактори надвор од способноста на мозокот да обработува информации. Менталниот процес на одлучување кој одговор е точен не почнал да се забавува до 60-тата година од животот.

- Авторите на претходните студии обично толкуваа побавно време на реакција кај постарите луѓе како доказ за когнитивно забавување. Со примена на математички модел на основните когнитивни процеси можевме да покажеме дека алтернативните објаснувања за бавните одговори можат подобро да ги откријат податоците - изјави Фон Краузе.

mozok
Фото: Freepik

- Се чини дека сите стареат исто во нивната способност за одлучување, без разлика на пол, националност или образование - вели Фон Краузе.

И само затоа што сте стари не значи дека автоматски почнува да забавува, додава тој.

- Додека забележавме општ пад на менталната брзина поврзан со возраста, почнувајќи од околу 60-годишна возраст, откривме и голема варијабилност во менталната брзина кај сите возрасни групи. Односно, имаше многу постари луѓе кои покажаа многу високи нивоа на ментална брзина. Зошто некои луѓе успеваат да одржат голема ментална брзина дури и во староста е многу интересна тема за идни истражувања - вели Фон Краузе.

- Наодите обезбедуваат важни нови информации за разбирање на промените поврзани со возраста во когнитивното функционирање - вели Дејвид Маден, професор по медицинска психологија во Медицинскиот центар на Универзитетот „Дјук“ во Дурам.

- Стареењето ни дава потреба да бидеме повнимателни и да ја намалиме нашата непромисленост, но исто така стануваме порасеани со информациите. Така, времето на реакција - нашата ментална брзина - опаѓа - вели д-р Малаз Бустани, истражувачки научник од Институтот „Регенстриф“ во Индијанаполис.

Сепак, Маден и Бустани забележаа ограничувања во студијата.

Маден вечи дека треба да се користат различни мозочни задачи при тестирањето за да се утврди како моделите ќе варираат во однос на барањата за перцепција и внимание на задачата. Оваа студија се потпираше на една задача.

Бустани додаде дека студијата не направила никаков обид да го отфрли ефектот на раната манифестација на Алцхајмеровата болест врз менталната брзина. Така, студијата не може да го разликува падот на менталната брзина по 60-тата година од когнитивното стареење наспроти невродегенеративните болести како што е Алцхајмеровата болест.

Извор: Newsmax.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука