X
 28.09.2018 Наука

Заедничка карактеристика на луѓето со „темни“ намери

Психопатијата, егоизмот и нарцизмот се помеѓу карактеристиките што се сметаат за темна страна на човекот. Најновото истражување покажува дека овие луѓе имаат една заедничка карактеристика.

Додека карактеристиките како нарцизмот или зајадливоста можеби не изгледаат толку екстремно како психопатските тенденции, научниците пронајдоа врска во однесувањето помеѓу луѓето што ги изложуваат овие особини. Истражувањето од Универзитетот во Копенхаген открило дека луѓето што се категоризираат во категоријата „темни личности“ имаат тенденција да ги стават своите сопствени интереси пред туѓите. Друга заедничка карактеристика што ја забележале истражувачите била способноста да уживаат во предизвикувањето болка на другите луѓе.

Најдоминантната од овие тенденции е позната како „темна тријада“, која вклучува психопатија (недостиг на емпатија), нарцизам (прекумерна автоапсорпција) и макевијализам (верувањето дека целта ги оправдува средствата).

1
Фото: University of Copenhagen


Некои карактеристики, како егоизмот или садизмот, може да изгледаат поприфатливи отколку оние во темната тријада, но истражувањето тврди дека сите овие произлегле од заедничка основна диспозиција наречена „Д-фактор“.

Ова значи дека ако покажете некоја од овие особини, тогаш постои поголема веројатност да покажете и некои од другите.

Истражувањето го дефинира „Д-факторот“ како: општа тенденција за максимирање на индивидуалната корисност - игнорирање, прифаќање или злонамерно провоцирање на непријателството кај другите - придружено со тоа дека верувањата служат како оправдувања.

Едноставно кажано, овие луѓе имаат тенденција да се стават себеси на прво место, дури и на штета на другите, и често имаат оправдување што ги отстранува чувствата на вина или срам.

Утврдувањето до кој степен лицето има „Д-фактор“ може да се направи преку користење сличен метод применет од психологот Чарлс Спирман пред околу 100 години, кога ја тестирал интелигенцијата кај луѓето.

Тој открил дека луѓето што постигнувале високо ниво на одреден тест на интелигенција најверојатно ќе имаат добри резултати и во други поради „генералниот фактор на интелигенцијата“.

- На ист начин, темните аспекти на човечката личност имаат заеднички именител, што значи, слично на интелигенцијата, може да се каже дека се израз на истата диспозициона тенденција - вели Инго Зетлер, професор по психологија на Универзитетот во Копенхаген.

- На пример, кај одредена личност „Д-факторот“ најчесто се манифестира како нарцизам, психопатија или една од другите темни особини или комбинација од овие. Но, со нашето мапирање на заеднички именител на различните темни карактеристики на личноста може едноставно да се утврди дека лицето има висок „Д-фактор“ - вели тој.

Колку е поголем овој фактор, толку е поголема веројатноста лицето да покаже темно однесување, како што е понижување на другите.

Потребно е да се напомене дека постојат клучни разлики помеѓу темните особини на личноста, што е причина зошто не секогаш резултираат со исто однесување. Но, иако на површина може да изгледаат различно, тие имаат многу повеќе заеднички црти отколку што мислите.

Зетлер вели дека разбирањето на „Д-факторот“ кај луѓето би можело да биде корисно кога се проценува колкава е веројатноста лицето да развие опасно однесување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука