Судот во чешкиот град Брно ја одби тужбата на поглаварот на католичката црква во Чешка, кардиналот Доминик Дука, кој тврдеше дека поради претставата на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, не може слободно да ја исповеда својата вера. Според кардиналот, претставата на Фрљиќ - „Наше насилство, ваше насилство“ и претставата „Екскомуникација“ поттикнуваат омраза против христијаните. Во причините за одбивање на тужбата судијата објасни зошто градскиот театар и фестивалот „Театарски свет“, на кои биле одиграни спорните претстави, не треба да му се извинат на кардиналот.
- Овие претстави беа алегорија и изборот на експлицитни сцени на авторот му донесува поголем публицитет. Што се однесува до насилството, може да се сфати дека во минатото сите правеле нешто лошо, и христијаните и муслиманите - наведе судијата во неговото објаснување.
Една од сцените од претставата на Фрљиќ
Тој додаде дека лично овие претстави не би ги гледал ни ако се бесплатни, но должноста на судот не е да го оценува вкусот на публиката.
- Тука немаше никаква дискриминација - рече судијата, кој го негира тврдењето дека претставата може да предизвика негативна реакција кај муслиманите.
Кардиналот Дука тврдеше дека поради сцените во кои Исус силува муслиманка, не може слободно да ја исповеда својата вера и да извршува богослужба, бидејќи оваа сцена поттикнува омраза кон христијаните како следбеници на некој што силува жени. Судијата не бил убеден од неговиот аргумент, па истакна дека на христијаните никој не им брани и понатаму да одат во црква и да ја исповедаат својата вера, а ако верата им е оцрнета поради овие сцени, тогаш таа не е доволно цврста.
Во судот било констатирано дека ни Дука ни неговиот адвокат не ја гледал претставата, туку само виделе неколку од контроверзните сцени на интернет.
- Никој не ги тераше тоа да го гледаат на интернет, а ако тие се почувствувале лошо гледајќи ги, за тоа не е крив театарот. Не постојат казни за ерес, како што некогаш било - изјави одбраната.
Претставата на
Фрљиќ во Брно предизвика жестоки реакции, па така минатата година триесетина демонстранти се обиделе да ги спречат глумците од Младинскиот театар од Љубљана да ја изведат претставата „Наше насилство, ваше насилство“. Претставата била изведена откако полицијата ги отстранила демонстрантите од театарот.