Претставата „Гробница за Борис Давидович“ во режија на Александар Поповски, а во продукција на Новосадско позориште, синоќа беше прогласена за најдобра во Унгарија. Признанието го доделува Здружението на унгарски критичари и се смета за најголема театарска награда во земјата. Најдобрите се избирани во конкуренција на 130 претстави. Наградата се доделува по 39. пат.
Александар Поповски
И македонската публика ќе има можност да ја види оваа претстава - утревечер во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар, во рамките на Млад отворен театар.
Данило Киш во режија на Александар Поповски со претставата „Гробница за Борис Давидович“ е најнеобичниот Киш што некогаш е изведен на сцената во Србија, се вели во програмата на фестивалот.
„И револуцијата повеќе нема да ги јаде своите деца, само со ред ќе ги раѓа, како што би кажал авторот, „расчеречени“ над гроб, затоа се потребни нови и нови гробови, и душата плаче ако ги нема, затоа што веќе нема за што да се борат, се истоштуваат нозете, уморно висат наоружани раце, и не се ори песна, само се слуша гракање на врани, на славниот гроб на револуцијата“.