Објавени се номинациите за престижните британски телевизиски награди БАФТА. Главни фаворити се ТВ-сериите „Круна“ (The Crown), „Среќната долина“ (Happy Valley) и „Црно огледало“ (Black Mirror).
„Круна“ влезе во потесниот избор во осум категории, што значи и најголем број номинации за ТВ-серијата што раскажува за британското кралско семејство. Добитниците на наградите ќе бидат објавени на 28 април, а свеченото доделување ќе се одржи на 12 мај. Следуваат некои од поважните номинации...
За најдобар глумец, номинирани се: Брајан Кокс (за улогата во „Следоред“ / „Succession“), Доминик Вест („Круна“), Кејн Робинсон („Топ момче“ / „Top Boy"), Папа Есиеду („Проектот Лазарус“), Стив Куган („The Reckoning“) и Тимоти Спал (за „Шестата заповед“).
Номинирани за главна женска улога се: Ањана Васан („Црно огледало“), Ен Рид („Шестата заповед“), Бела Ремзи („Последниот од нас“), Хелена Бонам Картер („Ноли“), Сара Ланкашир („Среќната долина“) и Шерон Хорган („Најдобри интереси“ / Best Interests“).
Во трката за најдобра драмска серија се: „Златото“ (The Gold) и „Среќна долина“ - и двете на продукциската куќа „Би-би-си уан“, „Бавни коњи“ (Slow Horses) на „Епл ТВ плус“, „Топ момче“ (Нетфликс), „Големите момчиња“ (Канал 4), „Сонувајќи во црно“ (Dreaming Whilst Black), „Храбри девојки“ (Such Brave Girls) на „Би-би-си три“ и „Извонредно“ на „Дизни плус“.
За наградата за најдобра серија на светско ниво, на списокот се наоѓаат: „Мечката“ - на „Дизни плус“, „Beef (Говедско)“ и „Class Act“ (Нетфликс), „The Last of Us (Последниот од нас)“ на „Скај атлантик“, „Љубов и смрт“ на Ај-ти-ви-ексд, „Следоред“ и „Емердејл“ на Ај-ти-ви-1.
Извор: МИА