X
 21.04.2021 Економија

Просечната нето-плата за февруари изнесува 27.948 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари изнесува 27.948 денари, додека просечната месечна исплатена бруто-плата е 41.704 денари, објави Државниот завод за статистика.

Оттаму соопштуваат дека индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2021 година, во однос на февруари 2020 година, изнесува 102,7. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: информации и комуникации (10,1 %), други услужни дејности (8,2 %) и рударство и вадење камен (7,5 %). Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: рударство и вадење камен (9,0 %), уметност, забава и рекреација (6,4 %) и дејности на здравствена и социјална заштита (4,1 %).

Лидери во однос на нето-платата се вработените во секторот информации и комуникации, за кој е забележано дека просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во февруари годинава била 53.104 денари. Притоа, во овој сектор се издвојува компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просечна нето-плата за февруари во износ од 70.942 денари.

Во секторот образование наведено е дека во февруари просечната нето-плата била 27.546 денари.

Фото: Државен завод за статистика

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари 2021 година, во однос на февруари 2020 година, изнесува 102,7. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: информации и комуникации (10,2 %), други услужни дејности (8,3 %) и рударство и вадење камен (7,7 %). Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: рударство и вадење камен (8,9 %), уметност, забава и рекреација (6,2 %) и дејности на здравствена и социјална заштита (4,0 %).

Во сооднос со нето-платата, најголема просечна месечна бруто-плата исто така е забележана во секторот информации и комуникации и за месец февруари таа изнесува 80.301 денар. Во секторот образование таа е 41.199 денари.

Фото: Државен завод за статистика

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија