Грчкиот авиопревозник „Ејџијан ерлајс“ ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина - Скопје - Крф - Скопје - Атина, објави порталот exyuaviation.com.
Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и во сабота, а авиолинијата Скопје - Атина да се реализира во среда и во недела наутро.
Според ревидираниот распоред, се чини дека „Ејџијан ерлајс“ целосно откажува два неделни лета, намалувајќи ја вкупната фреквенција меѓу Скопје и Атина од секојдневни летови на пет лета неделно, почнувајќи од 4 јуни.
Компанијата не исклучува и дополнителни промени во редот на летање, наведува exyuaviation.com.
Како што објави ТАВ Македонија на 2 април годинава, сезонска авиолинија меѓу Скопје и Крф требаше да почне од 1 јуни.
Извор: МИА