X
 06.08.2024 Живот

Зошто сакаме филмови со ајкули?

Од класичниот филм „Ајкула“ на Стивен Спилберг до предаторот кој демнее во Сена во „Под Париз“, постојат многу филмови со ајкули. Ги сака Холивуд, ги сака публиката, на која се чини дека никогаш не ѝ е доста од неизвесност, крв и страв.

Праисториската џиновска ајкула сее страв во филмот „Мегалодон“, генетски модифицирани ајкули се појавуваат во филмот „Длабоко сино море“, а ајкулите на кокаин демнеат во филмот „Ајкула на кокаин“.

Дури и републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, е љубител на филмови со ајкули.

Британската режисерка Хејли Истон Стрит е авторка на најновиот филм за ајкули „Нешто во морето“, кој ја раскажува приказната за група жени кои се нашле сами среде море заедно со гладна ајкула. Таа вели дека стравот од непознатото вo длабокото море е она што ги прави филмовите со ајкули популарни кај публиката.

 

- Да се биде заглавен во средината на океанот е доволно чудно само по себе. Заробени сте во туѓ свет каде што може да се случат многу работи - вели режисерката.

Форензичкиот психолог Сузан Јанг се согласува дека стравот од непознатото, осаменоста и беспомошноста се моќни чувства што нè привлекуваат кон филмовите со ајкули.

Таа објаснува дека гледањето на овие страшни филмови во удобноста на нашиот дом или кино нè соочува со нашите стравови од реална опасност и води до ослободување на потиснатите емоции во безбедно и контролирано опкружување.

- Ова значи дека луѓето можат да се соочат со границите на човечкото однесување и да ги тестираат сопствените граници со гледање екстремни содржини. А тоа емотивно ослободување е еден вид катарза - вели психологот. 

Таа додава дека теоријата на Зигмунд Форјд тука може да се примени, бидејќи од психодинамична перспектива, овие филмови се допираат до несвесните стравови и желби и обезбедуваат безбеден излез за истражување на потиснатите емоции и нагони, како што се агресијата и стравот од смртта.

Како се создаваат ајкулите во Холивуд?


Да се направи холивудска ајкула да изгледа како вистинска е вистински предизвик. Снимањето на филмот „Ајкула“ своевремено имаше проблеми поради дефект на механичките ајкули користени за потребите на филмот - едната потона, а другата кородира од солената вода.

Главните актери поминале добар дел од своето време на сетот седејќи и чекајќи ѕвездата на филмот да биде поправена и подготвена за снимање.

Во 2022 година режисерот Стивен Спилберг изјави дека дебаклот со реквизитите го направил филмот многу подобар затоа што морал да се потпре на креативноста за да создаде страв и ужас кај публиката без да се види самата ајкула.

- Среќа беше што ајкулата постојано се расипуваше. Тоа беше моја среќа, а мислам дека беше и среќа за публиката, бидејќи филмот излезе пострашен бидејќи ајкулата не се гледаше толку - изјави Спилберг.

Стрит Хејли Истон вели дека работела на нејзиниот филм со ограничен буџет, па нејзиниот тим морал да смисли креативно решение за ајкулата.

- Направивме перки од тигреста ајкула. Имавме брилијантен нуркач, Бабтист, кој можеше да го задржи здивот многу долго. Затоа му закачивме перки и му дадовме подводен скутер со кој можеше да нурка приближно со брзината со која се движи една ајкула - открива режисерката.

 

Таа додава дека ова решение било одлично бидејќи актерите пред себе имале перки од ајкула на кои можеле да реагираат. Ова им дало шанса да почувствуваат какво е навистина чувството кога околу нив во водата кружат ајкули.

Сепак, иако сака филмови за ајкули, британската режисерка не сакала да ги претстави овие животни како морски сериски убијци.

- Секоја година убиваме 100 милиони ајкули - вели таа, додавајќи дека е свесна дека филмот „Ајкула“ довел до зголемен улов на овие риби, делумно затоа што се прикажани како безмилосни убијци. 

Затоа, вели таа, се погрижила публиката да не ги доживува ајкулите како машини за убивање, што и не се.

Самиот Спилберг призна дека неговиот филм придонел за десеткување на ајкулите и рече дека жали поради тоа.

Извор: n1.info.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот