X
 21.06.2024 Живот

Загриженост поради осаменост: Младите претставуваат нова ризична група

Младите Германци се акутно ранливи на чувството на осаменост во современото општество, стои во ново истражување, а германските власти неодамна започнаа кампања за да го истакнат проблемот.

- Никој не знаеше дека помладите се меѓу најосамените по коронавирусот, така што ова конечно заслужува внимание. Треба сериозно да ја сфатиме осаменоста, вклучително и онаа на младите, и да преземеме акција - изјави германската министерка за семејни прашања Лиза Паус, истакнувајќи дека ова прашање влијае и врз политичкото учество и, на крајот, врз демократијата.

Според студијата на фондацијата „Бертелсман“, независен тинк-тенк во северозападниот град Гетерсло, речиси половина од младите од 16 до 30 години во Германија се чувствуваат осамено.

Повеќе од една третина (35 отсто) од 2.532 испитаници во оваа возрасна група рекле дека се умерено осамени, додека 10 отсто рекле дека се многу осамени.

Како одговор на тоа прашање, започна кампањата поддржана од владата наречена „Заедно од осаменоста“, а планирани се многу различни настани низ земјата.

Во споредба со студиите спроведени во 2021 и 2023 година, малку помалку млади луѓе сега пријавуваат дека се социјално и емоционално осамени. Сепак, високото рангирање на младите во проценката на осаменоста бара преиспитување, истакнуваат авторите на истражувањето.

- Осаменоста веќе не е феномен кој ги погодува само постарите луѓе. Во последните години стана јасно дека и младите се повеќе погодени од осаменоста и затоа претставуваат нова ризична група - рече Ања Лангнес од фондацијата „Бертелсман“.

Исто така, неколку други неодамнешни истражувања ја опишаа осаменоста кај младите како проблем.

-Одамна е познато дека осаменоста, за оние кои се погодени од неа, е исто толку штетна како, на пример, пушењето, дебелината или аерозагадувањето - рече министерот Паус говорејќи за овој проблем. 

Сепак, помалку е познато дека тоа има и индиректно негативно влијание врз демократијата.

Оние кои ја губат довербата во општеството ја губат и довербата во демократијата, се намалува политичкото учество, како и волјата за глас, истакна министерката утврдувајќи дека осаменоста е потценет феномен.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот