Речиси 40.000 самци починале во своите домови во Јапонија во текот на првата половина на 2024 година, според полицискиот извештај од оваа азиска земја.
Од оваа бројка, речиси 4.000 луѓе биле пронајдени по еден месец од нивната смрт, додека 130 тела биле откриени една година по смртта, според Националната полициска агенција.
Јапонија во моментов ја има најстарата популација во светот, според Обединетите нации. Агенцијата се надева дека нејзиниот извештај ќе го привлече вниманието на растечкиот проблем во земјата со огромниот број стари лица кои живеат и умираат сами.
Податоците на Националната полициска агенција од првата половина на 2024 година покажуваат дека вкупно 37.227 луѓе што живееле сами починале дома, од кои повеќе од 70 отсто се постари од 65 години.
Додека околу 40 отсто од самците што умреле дома биле пронајдени во рок од еден ден, полицискиот извештај покажа дека речиси 3.939 тела биле откриени по еден месец од смртта, а 130 биле умрени најмалку една година пред да бидат пронајдени.
Најголемиот број пронајдени тела (7.498) биле на лица над 85 години, а потоа следува возрасната група од 75 до 79 години (5.920). Пронајдени биле 5.635 мртви луѓе на возраст помеѓу 70 и 74 години.
Претходно, јапонскиот Национален институт за истражување на населението и социјалното осигурување рече дека бројот на постари лица (на возраст од 65 и повеќе години) што живеат сами се очекува да достигне 10,8 милиони до 2050 година.
Се проценува дека вкупниот број едночлени домаќинства до таа година ќе достигне 23,3 милиони.
Во април јапонската влада објави предлог-закон за решавање на деценискиот проблем со осаменоста и изолацијата со кој се соочува Јапонија, делумно предизвикан од стареењето на населението.
Јапонија долго време се обидува да се спротивстави на стареењето и опаѓањето на населението, што е прилично голем товар за земјата.
Минатата година јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека неговата земја одвај може да функционира како општество поради падот на наталитетот.
Некои соседни земји се соочуваат со слични демографски предизвици.
Во 2022 година популацијата на Кина првпат се намали од 1961 година, додека Јужна Кореја постојано известува за најниска стапка на плодност во светот.
Извор:
BBC
Фото: Freepik