Ново истражување на американските научници откри дека чувството на осаменост не само што влијае врз нашето физичко и ментално здравје, туку влијае и врз нашиот сон. Според студијата, луѓето што се чувствуваат поосамени почесто доживуваат кошмари, а тие се поинтензивни и постресни.
Истражувачите ја проучувале врската помеѓу кошмарите и чувството на осаменост, што покажува дека стресот предизвикан од недостиг на силни социјални врски може да биде клучен фактор за зголемување на зачестеноста на лошите соништа.
Првата фаза од истражувањето се засновала на повторна анализа на податоците од претходна студија за недостигот на емоционална поддршка. Податоците од 827 возрасни Американци покажале поврзаност помеѓу чувството на осаменост и почестите кошмари, при што стресот игра улога на посредник.
Втората фаза од студијата опфатила свежи податоци собрани од 782 возрасни испитаници во САД, кои одговарале на прашања за осаменоста, стресот и кошмарите што ги доживеале. Овие податоци покажале дека осаменоста не само што ја зголемува зачестеноста на кошмарите, туку и нивниот интензитет - нешто што претходно било занемарено во истражувањето.
- Односите се основна човечка потреба. Кога луѓето не успеваат да ја задоволат потребата за силни врски, тие страдаат физички, ментално и социјално. Исто како што гладот или заморот сигнализираат дека на телото му недостигаат калории или сон, осаменоста нѐ предупредува кога ни недостига меѓучовечка врска - вели Колин Хесем, комуникациски научник од Универзитетот во Орегон.
Истражувачите веруваат дека некако сме еволуирале за да бидеме под стрес и да сме склони кон умирање кога сме осамени - промени кои нè поттикнуваат да бараме другарство, но кои исто така може да го истрошат телото и да предизвикаат кошмари.
Осаменоста претходно беше поврзана со лошиот квалитет на спиењето, а истражувачите тврдат дека е логично дека ако на нашите умови им недостигаат социјални интеракции за време на будните часови, тој недостиг да ги прогонува и нашите умови за време на спиењето.
Научниците бараат дополнителни истражувања за да се испита кои методи за лекување на осаменоста би можеле да го подобрат квалитетот на сонот.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik