Во вторникот беше испишана нова страница во историјата на освојувањето на вселената - Мери Волас „Воли“ Фанк со своите 82 години стана најстарата астронаутка во историјата.
Таа се прошета до вселената заедно со најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, неговиот брат и 18-годишниот Оливер Димен.
За Фанк, која била обучувана за пилот, летањето во ракетата на Безос е награда за нејзиниот животен труд и нешто на што морала да чека 6 децении.
- Кога почнував да летам, сакав да бидам горе на небото - истакнала Фанк пред две години, говорејќи за страста за летањето.
Мери веќе неколку пати влегла во историјата. Таа служела како прва истражувачка на безбедноста во воздухот за Националниот одбор за безбедност во патувањето и била прва инспекторка за Федералната авијациска управа во САД. Собрала 19.600 часа летање и научила 3.000 други лица да летаат.
Фото: BBC
Во зазорувањето на истражувањата на вселената во 60-тите, 20-годишната Фанк вредно учела и поминувала ригорозни медицински и физички тестови заедно со уште 12 жени - познати како Меркјури 13. Тоа време тие минувале низ исти обуки како и мажите астронаути.
- Секој тест беше неверојатен. Ќе ме врзеа за столот и ќе ми вшприцаа студена вода со температура од 10 степени во едното уво. Полудувате, не можете да се контролирате. Потоа ве изнесуваат од просторијата и по еден час истото ви го прават на другото уво - се потсетува Мери.
Таа морала да пие радиоактивна вода и ја држеле во флотационен резервоар во кој наводно поставила рекорд во издржливост.
Многу од тестовите биле брутални за властите да бидат сигурни дека тие се подготвени за непознатото вселенско опкружување и оставиле траги врз учесниците.
- Имаше 125 мажи, од кои само седуммина поминаа. Од 25 жени поминаа само 13 - истакна Мери за Би-би-си.
Таа во интервју со припадник на НАСА во 1999 година ја објасни нејзината мотивација да оди на тешката обука.
- Истрпив многу болка која произлезе од некои тестови. Ја истрпив во од. Тоа требаше да ме однесе чекор поблиску до вселената, а таму сакав да одам - рече таа.
Но, надежта на Воли Фанк да стане првата астронаутка потонала - првпат кога НАСА одлучила дека само оние што биле тест-пилоти на млазници и имаат диплома по инженерство можат да бидат кандидати за вселенски мисии. Во тоа време на жените не им било дозволено да бидат тест-пилоти на воени млазници.
Но, покрај очигледната родова дискриминација, која подоцна станала предмет на владина истрага, Фанк не се откажала.
- Четири пати се пријавував во НАСА само за да бидам одбиена исто толку пати затоа што немав диплома по инженерство и ми дадоа девет месеци да дојдам до таква диплома, што беше невозможно - истакнала таа во интервјуто во 1999 година.
Фото: Blue Origin
Сепак, нејзините напори не биле залудни.
- Бев воодушевена кога Сали Рајд стана првата Американка во вселената во 1983 година. Таа ме викна и ми се заблагодари што сум ги поминала сите тие тестови затоа што тие не морале да ги трпат сите тие маки на физичка издржливост - изјавила Мери.
Фанк вели дека е разочарана што не можела да лета за НАСА, но дека не е огорчена.
Нејзините цели останале непроменети. Кон крајот на 90-тите години таа ја најави намерата да стане првиот вселенски турист во САД. Но, планираното патување од 2005 не се оствари. Во 2010 година таа платила 200.000 долари за карта во програмата на Ричард Бренсон, кој неодамна го изведе неговиот прв патнички лет. Фанк не беше на тој лет, но му беше почесен гостин на Безос.
По многу неуспеси, Фанк конечно стана астронаутка.
Насловна фотографија: Blue Origin