X
 21.08.2020 Наша тема

Пациенти навалија за „Мој термин“. За што се одело на специјалист последниве месеци?

Статистиката покажува дека корона-кризата во последните шест месеци речиси го преполови бројот на специјалистички прегледи во споредба со истиот период минатата година

Матичните лекари изминативе денови регистрирале драстичен пораст на барања од пациенти за специјалистички прегледи откако здравствените власти најавија дека од 1 септември ќе се врати здравствениот систем во нормала, односно ќе може редовно да се закажуваат прегледи преку системот за евиденција и закажување „Мој термин“. Сега сите размислуваат како да си ги надоместат пропуштените прегледи и испитувања. Статистиката вели дека корона-кризата во последните шест месеци речиси го преполови бројот на специјалистички прегледи во споредба со истиот период минатата година

Преглед плус да се закаже деновиве се бара за контрола на хронични болести, но и за полесни оперативни зафати кои биле одложувани изминатите месеци. Така граѓаните бараат од проверка на тироидна жлезда до операции на кила или зглобови и колена... Докторите се плашат метежот да не ја зголеми опасноста од ширење на коронавирусот.


Фото: Freepik

Се прават списоци

Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека пациентите почнале интензивно да се јавуваат и да бараат да им се закаже термин кај специјалист, но како што посочува, во системот „Мој термин“ сè уште се чекаат термините за закажување.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека термините ќе бидат отворени во системот деновиве и дека се утврдени правила за тоа како ќе се изведуваат прегледите.

- Правиме списоци со приоритетни пациенти. Има многу луѓе што изминатиот период ги одлагале прегледите и оперативните зафати. Не знам колку здравствениот систем ќе има капацитет да ги услужи сите во првиот месец, но останува да видиме како ќе се одвива овој прв бран - посочува д-р Чолакова-Дервишова.

За што најчесто се одело на лекар?


Статистиката во системот „Мој термин“ на Министерството за здравство покажува дека корона-кризата во последните шест месеци речиси го преполови бројот на специјалистички прегледи во споредба со истиот период минатата година.


Извор: Мој термин

За 20. најчести дијагнози кога се одело на преглед кај специјалист во последните месеци (освен поради коронавирус), откако во земјава се шири коронавирусот, вкупно биле направени 477.272 прегледи, за разлика од лани кога за истиот период биле извршени 851.549 прегледи.

Петте најчести причини поради кои граѓаните морале да посетат специјалист во последните месеци, кога здравствените прегледи беа редуцирани за оние на кои брзо им требаше лекарска помош, се висок притисок, дијабетeс тип 2, скрининг на паразитски и инфективни болести, абдоминална болка и контрола на нормална бременост. За овие пет дијагнози во табелата биле направени околу 230 илјади специјалистички прегледи, што е за околу половина помалку во споредба со истиот период лани.

Покрај овие прегледи, многумина осигуреници имале мака и оделе на преглед поради други вирусни инфекции, неправилна работа на тироидната жлезда, бубрезите, болки во 'рбетот, проверка на простата, но и поради анксиозни растројства.

Зголемен бројот на инфективните прегледи

Меѓу трите дијагнози за кои во последните месеци се одело на неопходен преглед кај специјалист е и дијагнозата специјален скрининг на паразитски и инфективни болести, за што имало 45.798 прегледи, што не е случај во 2019 година кога ова заболување не влегло во првите 20 дијагнози со најмногу извршени прегледи.

Од март до август се извршени 59.307 прегледи на пациенти со висок крвен притисок, за разлика од лани истиот период кога биле извршени двојно повеќе, или 128.893 прегледи.



Приоритет за откажаните

Разликата е евидентна и кај прегледите што ги правеле пациенти со дијабетес тип 2, така што годинава биле извршени 58.040 такви прегледи, а лани за истата болест - 95.485 прегледи.

На списокот од 20. најчести дијагнози поради кои се одело на преглед кај доктор специјалист во последните месеци најмалку или 12.306 прегледи биле направени на срцевото заболување ангина пекторис.

На ланската статистика меѓу 20. најчести дијагнози било заболувањето гастритис, за што биле направени 22.809 прегледи.

Филипче објасни дека сега, откако се почнати закажувањата на прегледи преку системот „Мој термин“, пациентите што ќе одат во здравствени установи мора да ги почитуваат протоколите за заштита од вирусот. Во установата ќе влезат 15 минути пред почетокот на прегледот, а со нив може да има само уште едно лице. Приоритет при закажување ќе имаат оние чии прегледи биле откажани периодов.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема