X
 08.04.2021 Култура

Ризикот од заразување со коронавирусот на концерти е многу мал, покажаа истражувања

Европските истражувања покажаа дека ризикот од инфекција во затворени концертни простори е занемарливо мал.

Една од потврдите за тоа се дури четири независни истражувања, спроведени во изминатите месеци во Германија и во Шпанија, па европската концертна и фестивалска индустрија е на пат да закрепне.

Истражувањата покажаа дека ризикот од ширење на коронавирусот на културни и музички настани во затворен простор е занемарливо мал, дури и неколку пати помал отколку во училиштата, канцелариите и трговските центри. Кога на тоа ќе се додадат иницијативите на голем број големи европски земји, кои ги охрабруваат организаторите да почнат со планирање настани за 2021 година со обезбедување гарантен фонд, како и планот за отворање на Велика Британија, според кој ќе бидат дозволени настани без физичко растојание од 21 јуни, јасно се покажува рестартирањето на целата индустрија за настани.

Резултатите од истражувањето спроведено од Техничкиот универзитет во Берлин покажаа дека доколку се почитуваат мерките за физичко растојание, хигиената и вентилацијата - театрите, оперите или музеите со 30 отсто пополнетост имаат најмал ризик од инфекција од сите затворени простори што биле проверени, а како многу поголеми проблеми се наведуваат училиштата, канцелариите, па дури и продавниците за малопродажба. Претходното истражување било спроведено во ноември во салата „Концертхаус“ во Дортмунд, во која има 1.500 места. Тоа беше продолжение на августовското истражување наречено „Рестарт-19“ на Универзитетската болница во Хале, чии резултати покажаа дека со соодветна вентилација во затворени концертни простори, постои многу мал ризик за пренесување на инфекцијата.

koncert
Фото: Freepik

Во декември 2020 година фестивалот „Примавера саунд“, во соработка со Универзитетска болница од Барселона и Фондацијата за борба против заразни болести, спровел истражување за музички настан без физичко дистанцирање, со задолжителни ПЦР-тестови направени на денот на концертот. На овој настан учествувале 1.000 лица, кои биле тестирани повторно по осум дена и само две лица биле позитивни.

Во прилог на овие истражувања, дополнителни два тест-настани исто така покажале високо ниво на сигурност.

Според првичните резултати од пилот-проектот во март, од 1.000 лица што присуствувале на концертот на Берлинската филхармонија, никој не се заразил. Ова истражување било иницирано од Берлинскиот сенат, а на тест-концертот одржан на 20 март, во музичката сала со капацитет за 1.180 места, можеле да присуствуваат само оние со негативен тест. Просечното време помеѓу тестирањето и резултатите било 12 минути, а цената на тестот била вклучена во цената на билетот.

Минатата недела беше успешно одржан концерт на групата „Love of Lesbians“ во салата „Палау де Сант Џорди“ во Барселона, со цел да се провери дали ваквите настани, со строги мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата. Сите посетители морало да бидат тестирани во текот на денот, а резултатите пристигнале за 15 минути на мобилна апликација.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура