X
 04.10.2021 Живот

Неутврденото потекло на ковид-19 може да ги врати дивите животни на менијата во Југоисточна Азија

Нерешеното прашање околу потеклото на ковид-19 би можело да биде причина за враќањето на дивите животни на чиниите на жителите на Југоисточна Азија, велат истражувачи и заговорници за заштита на животните за Би-би-си.

Традиционалистите навикнати на месо од диви животни во исхраната веќе не се вознемирени како непосредно по избивањето на пандемијата во 2019 година, велат експертите.

- Гледаме дека луѓето ја забораваат таа можна врска со дивите животни, веќе не зборуваат за тоа и многу сме загрижени. Од една страна, стравот од заразување со вирусот при консумација на диви животни што го гледавме минатата година веќе не постои, а, од друга страна, гледаме дека пазарите каде што се продаваат диви животни продолжија да работат и за време на пандемијата - вели Џедсада Тавикан, директор на регионалната програма за борба против трговијата со дивите животни при Светската фондација за природа во Југоисточна Азија.

Експертите од „Трафик“, меѓународна организација која ја истражува нелегалната трговија на диви животни, имаат сличен став.

- Поради недостиг на заклучоци засновани на докази за потеклото на пандемијата, се чини дека луѓето веќе не се грижат за консумирањето диви животни - вели Буи Туи Нга од „Трафик“ во Виетнам.

Немаше никакви анкети или студии за однесувањето на потрошувачите во врска со нејасната состојба околу потеклото на ковид-19. Американските разузнавачки служби наводно се поделени околу тоа дали вирусот е последица на природно преминување од животни кај луѓе или тоа е резултат на лабораториски инцидент. Голем број научници веруваат дека се потребни повеќегодишни истражувања за да се дојде до дефинитивен заклучок. Во меѓувреме активистите и истражителите велат дека постојат докази дека набавката на производи од диви животни, меѓу кои има и илегални, продолжила дури и за време на пандемијата.

- На 9 септември малезиските власти запленија 50 рога од носорог и делови од рогови во возило во близина на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур и уапсија две лица, што е најголемата заплена на рогови од носорог уште од 2018 година - објавија од „Трафик“.

- Иако немаше студија за консумацијата, шверцот на производи од диви животни не запре без оглед на пандемијата - вели Елизабет Џон од „Трафик“.

Попусти на производите од диви животни

Експертите тврдат дека резервите на производи од диви животни, како легални така и нелегални, се трупаат поради царинските мерки поврзани со ковидот на границите меѓу земјите со таков пазар, како што се Кина, Виетнам и Лаос. Овие земји со години наназад се сметаа за центри на илегалната трговија со диви животни, пишува Би-би-си.

- Во очаен обид да се ослободат од вишокот резерви, некои трговци беа подготвени да понудат попусти на илегалните производи - истакнуваат од Комисијата за правда за дивите животни, меѓународна невладина организација што се бори против транснационалниот криминал поврзан со дивите животни, во извештајот објавен лани.

Истражувачите велат дека трупањето на резервите продолжило и годинава поради прекуграничните забрани меѓу земјите во Југоисточна Азија.

- Цените паѓаат особено затоа што шверцерите не сакаат да чуваат огромни количини производи поради ризикот да бидат откриени и поради многу големите казни - вели Сара Стонер, истражувачка од организацијата.

Според извештајот на „Трафик“ објавен годинава, речиси 78.000 илегални делови и производи од диви животни наменети за продажба биле пронајдени во повеќе од илјада простории во градови во пет земји - Камбоџа, Лаос, Виетнам, Мјанмар и Тајланд, во текот на 2019 и 2020 година.



Незаконска трговија во Виетнам

Полицијата во Виетнам минатиот месец заплени 17 тигри кои незаконски биле држени во станбен подрум во покраината Нге Ан. Неколку дена претходно полицијата пронашла седум мали тигри кога запрела возило во истата покраина. Активистите за заштита на дивите животни во Виетнам велат дека тоа е доказ дека трговијата со диви животни продолжила дури и за време на пандемијата. Тие стравуваат дека овие неодамнешни заплени би можеле да ги поттикнат трговците со диви животни да ги убиваат тигрите или другите диви животни што инаку ги држат во заложништво, да ги стават во фрижидери за да избегнат фаќање и потоа да се обидат да ги продадат во земјата.

- Пред пандемијата обично шверцуваа живи животни од земјата, а сега не можат да го прават тоа поради граничните мерки, така што дефинитивно ќе се обидат да им угодат на купувачите во земјата. И во сето ова конфузијата околу потеклото на ковид-19 не помогна. Оние што сакаат да консумираат такви производи сега помалку се грижат за ризикот од пренесување на вирусот - вели Нгујен Ван Таи, директор на „Спасете ги дивите животни“ на Виетнам, непрофитна организација која работи во полето на борбата против илегалната трговија со диви животни.

Забрани за производи од диви животни

Откако изби пандемијата, и Кина и Виетнам воведоа забрани за прехранбени производи што потекнуваат од неколку диви животни, додека нивната употреба во традиционалната медицина и украсите беше дозволена.

На почетокот, додека се мислеше дека ковид-19 најверојатно потекнува од пазарите со морска храна во Вухан, анкетите во Кина покажаа дека повеќето луѓе биле подготвени да се откажат од дивите животни како дел од исхраната.

- За таа можна врска меѓу вирусот и дивите животни веќе не се зборува затоа што јавноста во Кина верува во владината официјална верзија дека ковид-19 не потекнува од Кина. Поради забраната, консумирањето на диви животни можеби нема да го надмине нивото од пред пандемијата, но имајќи ја предвид големината на Кина и ограничениот број на припадници на редот и законот задолжени за контрола на диви животни, во многу делови од земјата сѐ уште се тргува со легални и илегални диви животни - вели Пеи Су, директор на „Ект Азија“, меѓународна невладина организација која работи на одржливоста, а Кина ѝ е една од фокус-земјите.

Извор: BBC
Фотографии: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот