Аплауз за режисерот Срѓан Јаниќијевиќ кој нашол клуч како да се обрати на многу широка публика, што ретко некому му успева
Што е пресудно за да кажете дека една претстава е добра? Театрологијата сигурно нуди и прецизен одговор, онолку колку што може едно уметничко дело да се стави под рамки и дефиниции. Сигурно добра идеја, режисер, актери, музика се пресудни за да се каже дека сме гледале добра претстава, но еден услов сигурно е можеби и прв показател за тоа – чувството на публиката по спуштањето на завесата! Кога радоста е емоцијата и таа трае и наредното утро по претставата, тогаш знаете дека не сте потрошиле драгоцено време, напротив, сакате низ тоа искуство да поминат и вашите блиски и споделувате со сите што ги познавате.
Водејќи се по ова чувство, „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а продукција на Македонскиот народен театар, е радост за овој театар и за публиката. Комплетно театарско остварување со сите свои нишани. Затоа што сѐ почнува од зборот, нашиот единствен Дејан Дуковски уште пред 25 години го кажал своето со јазикот на народот, на нашите предци, го воскреснал Цепенков и го прилагоди на јазикот денес Текстот бил праизведен во Драмски театар во 1991 година.
Аплауз за режисерот Јаниќијевиќ кој направил претстава која поминува в час и нашол клуч како да се обрати на многу широка публика, што ретко некому му успева. Иако најавувана како младинска, претставата може да се гледа од тинејџерски години до недоглед. Можеби идеална би била сликата да се види дедо/баба со своите внуци тинејџери во публиката! „Силјан Штркот шанца“ е подобра лекција од многу лекции што младите ќе ги научат в училиште! „Силјан Штркот шанца“ е час по многу науки – народно творештво (иако со мала забелешка за недоволното внимавање на акцентската целост кај дел од актерите), психологија, социологија, ако сакате.
Добрата претстава се гледа и во радоста во очите на актерите што во неа учествуваат. Сите до еден возбудени, посветени на улогите. Предводени од Александар Михајловски, кој е скроен за улогата на Силјан, „ветераните“ Нино Леви и Магдалена Ризова-Черних, како неговите родители, мултиталентираниот Ивица Димитријевиќ, кој на многу суптилен начин влегуваше и излегуваше во неколку улоги, при тоа вешто водејќи го и музичкиот состав на претставата „Погани штркови“. Епизодна улога за паметење создаде Кире Ѓоревски, како ненаситен пијаница. Го покажа и својот талент во игра на телото, знаејќи дека танцот и пантомимата се полиња во кои е посветен. Трите кокошки обединети под бендот „Кокошките од пеколот“ (Нина Деан, Тина Трпкова, Ана Стојановска) видно усогласени во играта, дадоа посебен шмек на претставата, со особено внимание на движењата за што е заслужна и кореографката Александра Кочовска-Начева. Аплаузи и за Славиша Кајевски, Никола Ацески, Висар Вишка, секој од нив создал по еден филигран во својата биографија.
Илина Ангеловска се погрижи за мининализмот на сценографијата и извонредните костими, застапила многу фолкорни елементи во модерен стил.
Идејата на МНТ да се воведе т.н „лектирен театар“ е одлична. Првиот проект во неа веќе го потврдува тоа. Но, „Силјан Штркот шанца“ е добра лектира и за возрасните што не прочитале многу животни лектири!