X
 26.01.2017 Култура

Дали знаете зошто Швајцарија е неутрална држава веќе 500 години?

Неодамна е одбележана 500-годишнина од воспоставувањето на швајцарската неутралност. Единствена прилика кога швајцарската неутралност била прекршена, било за време на војните на Наполеон, иако Швајцарија и тогаш сакала да остане неутрална. Статусот го потврдила во 1815 година, пишува „Вар хистори“.

Долготрајноста на швајцарската неутралност е огромен успех. Меѓутоа, зошто Швајцарците, чии страшни копјаници кои често победувале во битките и покрај лошите изгледи за победа, одеднаш се обиделе да воспостават трајна неутралност?

Одговорот можеме да го побараме во големата битка меѓу Французите и Швајцарците, што се случила кај Марињано, во последната фаза од Војната на светата лига, што се случила меѓу 1508 и 1516 година. 

Швајцарците тогаш оствариле победи во неколку битки, ограбувале и заземале територии на северот на Италија, вклучувајќи го и Милано кое било место на пресрет со непријателската француска војска.

Француската војска што била предводена од штотуку крунисаниот млад крал Францис, се обидела да ги изненади Швајцарците со маневар преку ретко користениот и опасен пат преку Алпите. Швајцарците тогаш имале опдлична пешадија опремена со копја и подготвена да се прилагоди на секоја борбена ситуација.

svajcarija
Фото: Freepik

Помалубројните Швајцарци се обиделе да склучат мир со француската кралска војска додека не им стигне засилувањето. Наскоро ги напуштиле преговорите и се подготвувале за битка. Имале 22.000 војници наспроти француските 40.000, меѓу кои биле и застрашувачките германски војници „Ландснехт“ – платеници во 15 и 16 век, наоружани со долги копја и мечеви.

Непосредно пред битката, кралот Францис ги поставил топџиите во средината на првата линија од формацијата, а коњицата ја сместил по страните. Швајцарците го згуснале редот на пешадијата, бидејќи не располагале со коњица и топови. Нивната стратегија била да ги нападнат топџиите, да им ја заземат позицијата и да ги насочат топовите кон Французите. Колку и да звучел обидот на Швајцарците неостварлив и страшен, оваа тактика им се исплатила во многу наврати претходно. Швајцарците тргнале во напад во зорите. Нападот бил толку брз и силен, така што француската артилерија имала проблем со неутрализирање на пешадијата што постојано им се приближувала. Успеале да им преземат неколку топови и со нив тргнале во борба против германскте платеници.

Војските на Швајцарија и Франција тогаш се бореле за титулата „најдобра борбена единица во Европа“.

Битката за Марињано била многу тешка за извојување; иако претрпеле огромни загуби Швајцарците за малку не победиле. Се војувало речиси изедначено, додека не се приклучил францускиот сојузник – Венеција. Тие ги нападнале Швајцарците странично и ги натерале на повлекување. Ги загубиле половината од војниците, додека Французите загубиле 5000 луѓе. Крајот на битката резултирал со одредени договори. Во договорот била наведена клаузула „вечен мир“ каде што било пропишано Французите и Швајцарците никогаш повеќе да не војуваат меѓусебно и да не склучуваат сојузништва со меѓусебни непријатели. Договорот траел дури до Француската револуција.

Низ вековите неутралноста на Швајцарија станувала сè посилна, па така денес Швајцарија им забранува на нејзините граѓани да се борат во странски војни.

Швајцарците успеале да ја задржат неутралноста (освен во времето на Наполеон), бидејќи се наоѓаат на одлична географска положба. Швајцарија е редок пример на неутрална земја што со векови останала надвор од сите војни.       
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура