X
 21.10.2024 Живот

„Јон Вардар против галаксијата“ патува во Бразил

„Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм, беше прикажан во Бразил на 48. издание на престижниот фестивал „Мостра Сао Паоло“.

Филмот во режија на Гоце Цветановски е дел од компетитивната програма во секцијата нови режисери.



Македонскиот суперјунак има четири проекции во рамки на фестивалот, кој годинава во својата програма ги вклучи и победниците на Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан и други врвни филмски фестивали.

Режисерот Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.

-Самата номинација за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка - рече Цветановски.



„Јон Вардар против галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Се работи за хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси.



Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот