X
 23.05.2021 Политика

Политичките лидери што наjлошо се справија со пандемијата

Се покажа дека е тешко да се контролира ширењето на ковид-19, но зад неуспешните приказни на некои земји стојат политичарите, а не природата на болеста. Повеќе експерти од САД, Бразил и од Мексико за „Конверзејшн“ составија листа со политички лидери кои најлошо се справија со пандемијата.

Нарендра Моди, Индија

Индија е новиот епицентар на пандемијата со по околу 400.000 новозаразени дневно до мај. Според Самит Гангулу од Универзитетот „Индијана“, овие бројки не може да го покажат хоророт што се случува во Индија. Пациенти од ковид-19 умираат во болниците бидејќи нема доволно кислород и лекови како ремдесивир, а многу заболени воопшто не може да влезат во болница бидејќи нема доволно кревети.


Фото: Нарендра Моди/Wikipedia

Многу жители го обвинуваат премиерот Нарендра Моди за ситуацијата. Претходно годинава Моди јавно зборувал дека на пандемијата ѝ се ближи крајот во земјата, но тоа не било точно. Владата на Индија не се подготвила за потенцијални нови бранови или појава на посмртоносен сој што полесно се шири.

Коронавирусот се ширел во земјата пред изборите во април, но во тоа време Моди и други политичари од неговата партија одржувале митинзи низ земјата на кои малкумина носеле маски. Моди дозволил и да се одржи религиозен фестивал на кој учествуваат милиони луѓе во периодот од јануари до март. Здравствените власти мислат дека овој фестивал бил виновен за големиот бран со кој се соочува Индија.

Во меѓувреме, во Индија досега се вакцинирале само 1,9% од населението.

Жаир Болсонаро, Бразил

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, не само што не реагирал соодветно на пандемијата туку и ја влошил, пишуваат експерти од бразилската фондација „Гетулио Варгас“ и Универзитетот на Мичиген. Болсонаро ја искористил својата моќ за да се меша во работата на министерството за здравство и ставил вето на закон со кој носењето маски би било задолжително на религиозни места и со кој би се компензирале лекарите погодени од пандемијата.

Освен тоа, тој ги спречил напорите да се промовира одржувањето на растојание и им дозволил на многу бизниси да отворат, како сауни и вежбалници. Болсонаро промовирал и неодобрени лекови за третирање на пациентите со ковид-19.


Фото: Жаир Болсонаро/Wikipedia

Тој ги обвинувал сојузните држави во Бразил, Кина и Светската здравствена организација за кризата со ковид-19 и никогаш не презел одговорност за ширењето на болеста во неговата држава. Во декември изјавил дека нема да се вакцинира поради несаканите ефекти.

- Ако ве претвори во крокодил, тоа е ваш проблем - изјавил тој.

Неговите постапки создале конфликт во неговата влада, а во последната година Бразил смени 4 министри за здравство. Сето ова доведе до појава на нови соеви на коронавирусот во Бразил. Бројот на новозаразени почнува да паѓа во Бразил, но ситуацијата останува загрижувачка.

Александар Лукашенко, Белорусија

Лукашенко никогаш не ја признал големата закана што ја претставува ширењето на ковид-19. На почетокот од пандемијата тој не вовел мерки, додека другите земји се обидувале да го намалат ширењето на ковид-19. Тој тврдел дека коронавирусот може да се спречи со пиење вотка, одење во сауна и работа на поле.


Фото: Александар Лукашенко/Wikipedia

Лукашенко се заразил со ковид-19 минатото лето, но бидејќи немал симптоми, продолжил да зборува дека коронавирусот не е сериозна закана. Белорусија почнала да ги вакцинира жителите, но Лукашенко изјавил дека нема да се вакцинира.

Доналд Трамп, САД

Трамп повеќе не е претседател на САД, но неговите постапки сè уште имаат ефекти во земјата. Негирањето на пандемијата на почетокот, ширењето лажни информации за носењето маски и лекови придонеле за некои негативни ефекти, особено во заедниците на жители што не се белци.


Фото: Доналд Трамп и Мајк Пенс/Wikipedia

Афроамериканците и Латиноамериканците сочинуваат само 31% од населението во САД, но над 55% од заразените со ковид-19 се од овие заедници. Домородните Американци биле хоспитализирани 3,5 пати почесто и умирале 2,4 пати повеќе од белите Американци. Слична нееднаквост се забележува и кога станува збор за невработеноста.

Треба да се напомене дека администрацијата на Трамп ги поддржала напорите за создавање вакцина против ковид-19 на почетокот. Сепак, 24% од сите Американци и 41% од републиканците велат дека нема да се вакцинираат.

Андрес Мануел Лопез Обрадор, Мексико

Околу 9,2% од пациентите со ковид-19 умираат во Мексико. Овој процент е најголем во светот. Според неодамнешни процени, во Мексико починале 617.000 луѓе како последица од ковид-19. Овој број е сличен на оној во САД и во Индија, кои имаат многу повеќе жители од Мексико.


Фото: Андрес Мануел Лопез Обрадор/Wikipedia

За време на пандемијата претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, одбивал да воведе мерки за ограничено движење и продолжил да одржува митинзи. Тој честопати одбивал да носи маска во јавност.

Тој само малку ги зголемил трошоците поврзани со здравството за време на пандемијата, а експертите се жалат дека буџетите на болниците не се доволни за соочување со кризата. Тој вовел мерки за строг карантин двапати минатата година поради ескалирање на ситуацијата.

Досега во Мексико се вакцинирале околу 10% од населението и ситуацијата се подобрува.

Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика