X
 21.11.2018 Наша тема

Од Струга до „Харвард“. Посветеноста на правото и меѓународните односи ги носи сестрите Билјана и Викторија Чавкоски низ светот

На конференцијата на „Харвард“ учествуваа над 400 учесници од 75 различни држави, кои презентираа научни трудови. Дел од нив беа и Билјана и Викторија Чавкоски

Билјана е универзитетска професорка, а Викторија е дипломат. Израснале во Струга и од мали покажувале огромна желба за учење, а подоцна особено за правото и меѓународните односи. И двете сестри дипломирале на Правниот факултет како најдобри во својата генерација, а докторирале на насоката за меѓународно право и политика. Но, за еден од најголемите успеси го сметаат нивното учество на конференција на престижниот „Харвард“ во јуни.


Викторија (лево) и Билјана (десно) на конференцијата во „Харвард“

„Харвард“ е фантастичен, а искуството незаменливо

Поводот за посетата на Правниот факултет на Универзитетот „Харвард“ била меѓународната конференција на тема „Правото во глобалната политичка економија - различностите денес“ во организација на Институтот за глобално право и политика.
- На конференцијата учествуваа над 400 учесници од 75 различни држави, кои презентираа научни трудови. Конференцијата беше организирана во 89 паралелни сесии, мини-конференции и промоција на книги. Досега ова е најголемата и најзначајната конференција на која сме имале можност да присуствуваме. За време на конференцијата јас презентирав научен труд, а мојата сестра, д-р Викторија Чавкоска, беше избрана за модератор на неколку панели - вели проф. д-р Билјана Чавкоска.
И двете велат дека Универзитетот „Харвард“ е како што очекувале - фантастичен, а искуството е незаменливо.
- Учеството на конференцијата ни донесе многубројни учества на меѓународни конференции и посети на други правни универзитети низ Европа, како Лисабон, Малта, Рим, Кипар, Хебрејскиот универзитет во Израел. „Харвард“ е несомнено најдобриот универзитет што сме го посетиле. Се работи за огромен комплекс, со многу згради, многу зеленило, нешто што недостига на македонските универзитети, фитнес-сали, терени за одбојка и студентски дом во непосредна близина. Внатрешноста на дел од објектите е толку средена, што добивате впечаток дека се наоѓате во некој хотелски комплекс, а не на универзитет. Сме биле во многу познати кампуси во светот, но „Харвард“ ни ги освои срцата - вели Викторија.
Билјана додава дека задоволството од учеството на вакви конференции е многу големо бидејќи споделуваат размислувања и знаења со други колеги од светот.



Прва Македонка практикант во Обединетите нации

Билјана на „Харвард“ го презентирала научниот труд на тема „Слобода на движење на работниците во Европската Унија со посебен осврт на движење на работници од третите држави“. Во овој труд таа заклучува дека слободното движење на работниците е право кое може да го уживаат само европските државјани како дел од заедничкиот пазар на Унијата.
- Работниците од третите држави имаат ограничени права на работа и движење во државите-членки на Унијата под услови определени со асоцијативните договори. Унијата донесе нови правни акти за подобрување на правата на работниците од третите држави кои се висококвалификувани и неопходни на пазарот на труд. Конечно, оваа слобода за работниците од третите држави може да подлежи на преодни периоди, дури и по стапувањето во членство на Европската Унија. Истото се однесува и на македонските работници - вели таа.

Билјана е професорка по право на Меѓународниот балкански универзитет. Вели дека наставата се одвива на англиски јазик, што е предизвик не само за студентите туку и за професорите.
- Средината е мултинационална, имаме студенти од сите држави во регионов, а преку Еразмус програмата сѐ поголем е бројот и на студенти од други држави. Оваа година имам неколку студенти од Полска. Студентите ме инспирираат со нивната посветеност, редовност и желба за истражување на теми поврзани со состојбите во нивните држави. Со тоа, во текот на наставниот процес преку нивните презентации и јас како професор се надградувам со нови информации, што влијае мотивирачки и инспиративно - вели таа.


Билјана Чавкоска

Викторија, пак, е дипломат со големо искуство, таа е и првата Македонка што била практикант во Обединетите нации. Раскажува дека за личност која е македонски државјанин, вистински предизвик е да биде интегрирана во програмите на оваа организација и тоа во период кога не постоеле социјални мрежи или размена на студиски програми.
- Ова претставуваше дополнителна едукација и преиспитување на стекнатото знаење и вештините со други што ги негуваат вредностите на правдата, етиката и еднаквоста. Преку универзитетот во Тјубинген имав можност да отпатувам во седиштето на ООН и на 25 години знаев дека тоа ќе ми овозможи да се етаблирам во германското општество. Набрзо потоа ги запишав докторските студии и почнав да работам во тимовите на германските пратеници Андреа Кругер и Штефан Кауфман, а и да бидам вклучена во телото за интеграција на доселеници на градот Штутгарт како прва Македонка и прва Македонка претседател на Младите европски федералисти на градот Штутгарт - објаснува Викторија.

Квалитетното образование е клуч за општествен и економски развој

Таа во Германија добро го запознала и образовниот систем. Објаснува дека тоа е дуален систем на едукација, пред сѐ, поради технолошкиот развој на компаниите што имаат потреба од продуцирање соодветен кадар кој мора да биде конкурентен на пазарот на труд.
- Затоа, итна е потребата од имплементирање ваков модел на образование во Македонија, со што ќе се раздвижи економската активност и ќе се создадат поголем број работни места, што е услов за подобар живот на сите. Но, образованието е национален проект и тој треба да биде приспособен на граѓаните во дадената држава - вели Викторија.


„Харвард“ - огромен комплекс, со многу згради и зеленило

Но, додава дека од Германија може да се копира начинот на кој се водат институтите на универзитетите преку нивна апсолутна независност, која им дава слобода на професорите да ѝ се посветат на својата работа.
- Важна улога има и постигнатиот консензус на политичките партии околу образовните процеси, а истото подразбира и финансиска независност.

И двете потенцираат дека квалитетно и соодветно образование е клучот на општествениот и економскиот развој во секоја држава. Сметаат дека кај нас проблем се наставните програми, кои се застарени и премногу општи.
- Во нашиот образовен систем генерално многу внимание се посветува на теоријата, сметаме дека во иднина треба да се зајакне практичната обука на студентите и да се изнајде начин студентите да бидат помотивирани за образовниот процес. Секако, и универзитетите и наставниот кадар треба да им го направат интересен и мотивирачки престојот на студентите во кампусите. Силните страни се дека нашите најдобри студенти можат да се носат со студентите од странските универзитети, што покажува дека сепак имаме солидно образование - велат тие.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема