Истражувањето на Џонатан Шулц од Универзитетот Јеил и Христијана Тонија од Универзитетот во Лозана открива дека студентите на политички науки, право и економија имаат повеќе самодоверба за разлика од студентите кои студираат други предмети.
Нивното истражување кое било направено на 711 бруцоши од Универзитетот Сент Гален и Цирих во Швајцарија, се обиде да одреди дали постои врска помеѓу прекумерната самодоверба и изборот на кариера.
Во текот на истражувањето студентите добиле едноставен тест од историјата во кој наведувале големи историски елементи како катастрофата во Чернобил или првиот лет на Конкорд, а од студентите се барало да запишат која година се случиле настаните.
Секој студент бил оценуван врз основа на тоа колку нивните одговори биле близу до точните одговори. После правењето на тестот од студентите се барало самите да проценат како го решиле тестот, а разликата меѓу нивните проценти и реалниот резултат се користела за да се види дали имаат преголема самодоверба.
Студентите од политичките науки биле први на скалата бидејќи поради претераната самодоверба се рангирале за 1.4 место повисоко од она што го постигнале. На второ место се нашле студентите по право кои се ставиле на едно место повисоко од своите постигнувања, додека студентите по бизнис и економија се наоѓале на трето и четврто место.
Студентите по инженерство најдобро се процениле себеси и своите постигнувања, додека студентите по медицина и природни науки го потценија сопственото достигнување, додека студентите од хуманистички науки беа на дното на скалата.
Во просек испитаниците се рангирале скоро за едно место повисоко од реалниот резултат, а истражувањето открило дека машките студенти имале поголема самодоверба од женските.
Авторите на истражувањето изјавиле дека резултатите треба да се толкуваат со претпазливост бидејќи сите студенти биле прва година на факултет поради што тешко е да се каже дали нивната самоувереност е поради академското искуство или други извори. Истражувањето е објавено во списанието „PLOS One“.