Секој ден стартувате со полна батерија, која ја полните во текот на ноќта додека спиете. Нема потреба од посета на бензинска станица или полнач, вели Иван Ивановски
Група ентузијасти од Македонија ја покренаа иницијативата
Electrify.mk водени од идејата да видат што повеќе електрични возила на патиштата во земјава. Нивната мисија е да ја забрзаат транзицијата на државата кон електричен транспорт, обезбедувајќи супербрза мрежа на електрични полначи. Освен поставување брзи полначи, целта им е да го едуцираат населението за електричните возила и да иницираат приспособување на законите во државата во делот на електромобилност по теркот на Словенија и други европски земји. Разговараме со Иван Ивановски, иницијатор на Electrify.mk.
Иван Ивановски
Тој вели дека ова ќе придонесе и за заштита на природната средина и за намалување на загадувањето, кое деновиве повторно ја стави Македонија на врвот на листите со најзагадени земји во светот. Според податоци од Заводот за статистика од 2019 година, просечна старост на патнички автомобили во нашава земја изнесува 19,3 години.
- Автомобилите партиципираат со просечно 30% во загадувањето на воздухот, за некои гасови дури и до 60% од загадувањето се резултат на согорувањето на горивото од старите дизел и бензински мотори. Верувам дека во наредните години ќе бидеме сведоци на блага транзиција кон електромобилност и возила со 0% емисија на штетни гасови - вели Ивановски.
Предности на електричните автомобили
Според него, електричните автомобили имаат многу предности за природата и се подобри од возилата со мотор со внатрешно согорување. Ивановски набројува неколку главни придобивки:
- Цената на струја за извозени 100 км изнесува околу 35 ден.
- Нема потреба од често носење на сервис. Се менуваат филтер за воздух и плочки на кочници на 50-100.000 км бидејќи има големо моторно кочење (regenerative braking).
- Новите батерии ќе траат повеќе од 1.000.000 км без да има деградација поголема од 5%.
- Електричните возила се за многу класи побезбедни од обичните. Првите најбезбедни возила во светот се „тесла“ - моделите S, 3, и X.
- Секој ден стартувате со полна батерија, која ја полните во текот на ноќта додека спиете. Нема потреба од посета на бензинска станица или полнач. Проблемот при немање инфраструктура е кога корисникот патува повеќе од 400 км на ден. Во овој случај потребен е брз полнач кој обично има капацитет да наполни 200 км за 15 минути.
Во моментот во Македонија главната инфраструктура за полнење на електрични автомобили е на ЕВН.
- Тие направија одлична работа со поставување основа инфраструктура за да имаме електрични возила на патиштата. Тие имаат поставено побавни полначи од 22KW AC. Ваков тип полнач може да се користи во хотели или трговски центри каде што корисникот би се задржал подолго време. Дел од нив се поставени на јавните паркинзи, при што се обезбедени едно до две места за полнење. Со ваков полнач може да се наполни за возење од 100 км за 1 час. Ние сме отворени за соработка и со ЕВН воспоставивме комуникација за предизвиците со кои се соочуваме за да може заеднички да ги надминеме - вели Ивановски.
Во моментот, за користење на постојните полначи потребно е да се поднесе барање и да се добие картичка. Според Ивановски, ова е предизвик за тие што доаѓаат од Европа и транзитираат преку Македонија или сакаат да заминат на одмор во некој од нашите туристички локалитети.
- Имаме комуникација и со приватната компанија Elink која поставува своја мрежа и има одлични планови и идеи. Во моментот правиме програма по која би работеле, особено во делот на застапување и лобирање. Ние и нашите потенцијални партнери ќе се залагаме за поставување целосна инфраструктура со побрзи полначи. Исто така, очекуваме соработка во делот на можност за користење мобилна апликација на која со неколку кликови може да се плати за полнење со електрична енергија - вели Ивановски.
Каква е регулативата во Македонија
Комуницирајќи со членовите на иницијативата, направиле мала анализа за потребите со предлози кои ги покриваат најбитните точки во државата на кои е потребно да има брзи полначи за непречено движење на електричните возила. Ивановски вели дека најдобро е брзите полначи да бидат поставени надвор од населени места за да може ултрабрзо да го надополните вашето возило додека сте тргнати на дестинација подолга од 400 км.
Западните земји на големо стимулираат транзиција кон обновливи извори на енергија и електрична мобилност.
- Во Македонија имаме позитивнa клима за разговор и се надеваме дека ќе постигнеме договор со Владата. Нашата цел е намалување на ДДВ од 18% на 0% и субвенции за електричните возила. Средствата што ќе ги инвестира државата во вакви проекти повеќекратно ќе ѝ се вратат во разни сфери. Во Германија е направена студија каде што државата ќе заштеди 7 милијарди евра за лекување луѓе кои заболеле исклучиво од загадената животна средина. Ние мора што побрзо да почнеме да размислуваме за емисиите на CO2 - вели Ивановски.
Иницијативата Electrify.mk предлага да се направи анализа за воведување данок на загадување. Во зависност од декларираната емисија на CO2 на вашиот автомобил да се пресметува данок на загадување, а тие пари да се инвестираат во проекти за обновливи извори на енергија.
- Подготвени сме да разговараме со сите партнери, организации, индивидуалци, да направиме вистински чекори со цел потикнување и создавање околина што ќе овозможи зголемена електрификација на личниот транспорт - вели Ивановски.
Тој ги поканува сите заинтересирани да ѝ се приклучат на нивната иницијатива. Во моментот интензивно комуницираат со потенцијални партнери и ја подготвуваат идејната поставеност на организацијата. На прашањето каде ја гледа иднината на Македонија во поглед на превозните средства, тој вели:
- За 30 години голем дел од транспортот ќе биде на електричен погон, конвенционалните производители на автомобили ќе произведуваат повеќе електрични возила отколку со внатрешно согорување и ќе останат да ги возат само некои љубители на истите, кои поради носталгија или како колекционери ќе сакаат да имаат таков автомобил. Како што вели Илон Маск: „Купувањето автомобил со внатрешно согорување ќе биде како да купуваш коњ“ - вели Ивановски.