X
 17.07.2019 Живот

Полнач за е-автомобили во сите нови британски домови

Британските законодавци најавија нов нацрт-закон според кој секој нов дом би требало да има вграден полнач за електрични автомобили.

Плановите беа најавени минатата година, но неделава беа објавени од страна на англиското министерство за транспорт. Предлозите моментално се достапни на интернет за консултација со јавноста пред владата да гласа за нив. Доколку стапи во сила, новиот закон ќе ја направи Велика Британија првата земја во светот каде што би било потребно да се вградуваат полначи во сите нови домови со наменски паркинг-места. Ова е дел од напорите електричните возила да станат попристапни, истовремено потпомагајќи ја целта на Велика Британија да стане јаглерод-неутрална до 2050 година.

Освен полнењето дома, министерството најави и планови да ги направи попристапни јавните станици за полнење.

На пример, возачите веќе нема да мора да се претплаќаат во некоја компанија што нуди јавно полнење, туку ќе можат да плаќаат за полнење, како и на бензинска. Но, секретарот за транспорт, Крис Грејлинг, смета дека напорите за полнење дома ќе им бидат од поголема корист на луѓето на долгорочен план. Британците што сакаат да инсталираат полнач во својот дом имаат пристап до грант од 500 фунти од владата, а инаку ќе мора сами да си ги покријат трошоците.

- Полнењето дома ја обезбедува најевтината опција за консументите. Едноставно можете да го приклучите автомобилот на полнач преку ноќ како што би направиле и со мобилниот телефон - истакна тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот