Германската федерална влада го усвои долгоочекуваниот закон за миграција со кој се отстрануваат повеќе бирократски пречки за мигрантите што бараат работа во Германија, а особено ќе се олеснат доселувањето и вработувањето на работниците од земјите што не се членки на ЕУ, а со тоа и на оние од Балканот.
Кабинетот го одобри законот за имиграција на квалификувани работници наменет за намалување на пречките за влез на работници од земјите што не се членки на ЕУ. На секое лице што е квалификувано би требало да му се дозволи влез во земјата без договор за работа.
- Ова е добар ден за модерна Германија - истакна сојузниот министер за труд Хубертус Хејл, додека министерот за економија Петер Алтмаер оцени дека денот е историски.
Со новата регулатива германската сојузна влада сака да го реши недостигот од квалификувани работници, што веќе е бариера за раст во некои индустрии и региони, смета Хејл.
Законот за овозможување на вработувањата би требало да создаде нови перспективи за подобра интеграција на одбиените баратели на азил. Таканаречената толеранција за вработување на барателите на азил што живеат во Германија, а чии барања се одбиени, би им овозможила шанса за сигурно добивање дозвола за престој. Според новиот закон, ним би им било дозволено да останат во Германија две и пол години. Еден од предусловите е да работеле со полно работно време (најмалку 35 часа) најмалку 18 месеци, со социјално осигурување.
Како што пренесуваат одредени
медиуми, ако законот добие зелено светло од Бундестагот, тој ќе стапи во сила во 2020 година. Сè уште е неизвесно дали конзервативното крило на владејачката Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе ги прифати измените на законот.
Меѓутоа, законот за имиграција и вработување на квалификувани работници засега важи само во тек на ограничен временски период. Законот ќе стапи во сила на 1 јануари во 2020 година (за што Бундестагот сè уште треба да одлучи) и почетно ќе се применува само до 30 јуни 2022 година. Тоа значи дека ако следната сојузна влада не го обнови законот, тој ќе се применува само две и пол години.