Одборите на Европскиот парламент ги прифатија предлoзите за Закон за дигитални услуги (DSA) откако пратениците гласаа за нацрт-предлозите за ограничување на активностите на гигантите во технологијата, група на најголеми и најдоминатни компании во технолошката и информатичката индустрија што потекнуваат од САД.
Овие нацрти ќе станат дел од упатствата за технолошка регулација под надзор на Европската комисија.
Дебатите во парламентот не поминаа без проблеми и траат со месеци. Комитетот за внатрешен пазар поднесе повеќе од 1.200 амандмани по еден предлог, вклучувајќи и стотици амандмани од пет други комисии.
Разбирливо е и зошто застапниците од ривалските европарламентарни партии имаа толку многу забелешки за предлог-законот. Имено, тој е еден од најзначајните закони што доаѓа од Брисел откако постојат и дејствуваат технолошките гиганти.
Ова е првпат по 20 години Брисел да ги регулира правилата за однесување на интернет.
Регулаторите настојуваат да ги разјаснат клучните проблематични подрачја, вклучувајќи ограничувања на нелегална содржина, транспарентност на рекламите и дезинформации.
На почетокот од овој месец Тиери Бретон, комесар за внатрешен пазар, задолжен за управување со дигитални модификации, изјави дека регулаторите сакаат дополнителни овластувања за оневозможување на големи платформи; ги принудуваат да ги продаваат своите акции, и со тоа можат и да ги блокираат на пазарот ако не постапуваат според правилата.
Покрај тоа, европратениците треба да ги ратификуваат предлозите, за што ќе бидат потребни строги мерки против гигантските платформи како што се „Фејсбук“ и „Гугл“.
Алекс Салиба, левоцентристички европратеник задолжен за давање препораки за законот, повика на правила за ограничување на растечката моќ на технолошките гиганти.
Фото: Freepik
- Ова е идеална можност да разговараме за правилата на интернет и да донесеме регулативи за услугите што влијаат врз нашето секојдневие - вели тој.
Ова се некои од највпечатливите предлози што европратениците сакаат да ги предложи Комисијата:
1. Платформите да бидат поодговорни: парламентот сака производите што се сметаат за нелегални да бидат забранети и на интернет. Се надеваат дека на тој начин на потрошувачите ќе им обезбедат исто ниво на заштита кога купуваат производи на големите платформи како „Амазон“ како да купуваат и во физичка продавница.
2. Целта се технолошките гиганти: Пратениците се залагаат за поголема вклученост на таканаречените „чувари на вратите“ (gatekeepers) за да се спречи појава на антиконкурентни практики идентификувани со листа што јасно ќе укажува на дозволените и недозволените активности на интернет.
3. Донесување јасни правила за отстранување на содржина: Членовите на Европскиот парламент ќе бара јасни правила и процедури за справување со незаконска содржина.
- Не сакаме приватните компании да бидат надлежни за следење на однесувањето на интернет, туку наместо тоа, јасен систем на известувања и процедури што ќе обезбедат јасна правна основа за платформите и ги гарантира основните права на корисниците - објаснува Тиемо Волкен, германски европратеник кој ги изработил препораките.
- Сакаме корисниците да преземат одговорност за содржината што ја гледаат, наместо да бидат на милост и немилост на алгоритмите за профит што им даваат приоритет на содржините што привлекуваат внимание - додава Волкен.
- Со години инсистирам дека правата на потрошувачите на интернет треба да бидат еднакви на правата што ги имаат граѓаните кога купуваат офлајн. Овој извештај, кој е усвоен со големо мнозинство, поставува силни темели за заштита на потрошувачите - вели хрватската европратеничка Билјана Борзан.
Таа додаде дека најважните достигнувања се поголема транспарентност во рекламирањето, посебно на големи платформи како „Гугл“ и „Фејсбук“ и заштита на европските права на потрошувачите кои купуваат од странски платформи како „Амазон“.
Фото: Screenshot