Кога ќе помислите на најубавите градови во Европа, сигурно прво ви паѓаат на памет Париз, Рим, Венеција, Прага. Тие се преубави, но Стариот Континент крие многу градови што не се толку познати, но се еднакво волшебни.
Ова се неколку предлози кои би требало да се најдат на вашата листа со дестинации што не треба да ги одминете.
Карлови Вари, Чешка
Карловарскиот крај е втор најмал регион во Чешка. Исполнет е со природни убавини и дворци, а најпознат е по термалните и ладните минерални извори. Карлови Вари е најпознат бањски град во земјата кој ги лекува своите посетители повеќе од 650 години.
Меѓутоа, дури во 18 век овој град почнал да се развива и да станува познат низ Европа. Покрај своите прочуени извори, градот е живописен, а исто така е и дом на еден од водечките светски филмски фестивали што се одржува во јули секоја година.
Термалната вода тука е единствена по своите физички и хемиски својства. Во Карлови Вари има 79 различни термални извори. 14 од нив се користат за пијалаци, а температурата во најтоплиот е дури 72 Целзиусови степени. Во зависност од проблемот што го имате, лекарот ќе ви припише користење вода од различни извори во различно време бидејќи секој има свои уникатни својства.
Фото: Wikimedia Commons
Рига, Летонија
Престолнината на Летонија е најголем град на Балтикот. Тој е прекрасен спој на шармантната стара Европа и модерните иновации. Стариот град е исклучително фотогеничен со своите улици со калдрма во кои нема сообраќај.
За разлика од некои други европски градови, убавината на Рига се шири и надвор од стариот град. Многу е интересен сецесионистичкиот кварт исполнет со преубави згради, а тука е и фантастичниот Музеј на сецесијата.
Квартот Пардаугава е преполн со живописни дрвени куќи. Кипсала е мал остров во близина на стариот град од каде што има прекрасен поглед.
Фото: Wikimedia Commons
Сен Антоан Нобл Вал, Франција
Ако барате вистинско француско гратче во внатрешноста, тогаш тоа е Сен Антоан Нобл Вал. Овој преубав град е прикажан и во неколку филмови, а се наоѓа на реката Аверон. Поминете го мостот и уживајте во впечатливиот одраз на интересните градби во реката.
Центарот на градот некогаш бил дом на најбогатите жители. Во средновековието градот бил најсигурно место за живот, а во него најбезбеден бил токму центарот бидејќи освојувачите започнувале инвазија од периферијата на градот. Тоа е причината зошто токму таму има најмногу и најдекадентни куќи.
Фото: Wikipedia
Вербје, Швајцарија
Летото во Вербје е преполно со фантастични и возбудливи нешта, како и прекрасни можности за фотографирање. Од нереално убавите и зелени швајцарски Алпи, до цветни аранжмани по целото село и познатите швајцарски крави кои пасат опкружени со филмски пејзажи. Преку зимата ова е прекрасно скијалиште, но според мислењето на многумина, овој мал град е најубав во текот на летото.
Фото: Wikipedia
Равена, Италија
Равена е позната како важно историско средиште во добата на Западното Римско Царство и рана Византија. Поради заканите од напади од Визиготите, во 402 година царскиот двор на Западното Царство е преместен од Милано во Равена, а во 493 година, кога ја презел власта над Италија, кралот Теодорик Велики исто така ја користел Равена како своја престолнина.
Но, она по што Равена е најпозната се мозаиците во нејзините цркви и базилики.
Фото: Wikipedia
Извор:
National Geographic
Насловна фотографија: Pixabay