X
 02.06.2026 Живот

Еве како живеат пензионерите во Швајцарија и Шведска и колкава им е пензијата

- Цел живот работиш и придонесуваш, а потоа доживуваш пензија со која не можеш да направиш ништо - ова е реченица која сигурно многу пати сте ја слушнале.

Животот на пензионерите во Македонија не треба да се опишува бидејќи ни е повеќе или помалку познат, но како живеат пензионерите во Швајцарија и во Шведска, односно во земјите кои важат за „златен стандард“? Земајќи ги предвид карактеристиките на пензиските системи, животниот стандард и достапноста на социјалните и здравствените услуги, еве како изгледа нивниот живот.

Просечните пензии во Швајцарија и во Шведска

Просечната пензија во Швајцарија зависи од различни фактори, но изнесува меѓу 2.500 и 2.600 евра месечно по лице од основниот државен пензиски систем (AHV/AVS). Оваа сума може да биде повисока кога се вклучуваат дополнителни пензии од други извори, како што се професионални пензиски фондови и приватни заштеди, што на многу пензионери им овозможува животен стандард кој одговара на високите трошоци за живот во земјата.

Во Шведска просечната пензија изнесува околу 17.000 шведски круни месечно, односно приближно 1.460 евра. Шведскиот систем се потпира на комбинација од државни пензии (кои вклучуваат основна и гарантирана пензија), пензии од работодавци и евентуални приватни заштеди. Пензионерите со пониски примања имаат пристап до дополнителни бенефиции, како што се додаток за домување и финансиска поддршка за постари лица, што може да го подобри нивниот животен стандард.

Иако двата система овозможуваат солиден животен стандард, швајцарските пензиски фондови дополнително го зголемуваат месечниот приход преку задолжителни професионални заштеди, додека шведскиот пензиски систем нуди дополнителни социјални мерки за најзагрозените пензионери.

Пензионери во Швајцарија

Швајцарскиот пензиски систем е еден од најстабилните и најценети во светот, познат по својата сигурност и доверливост и се состои од три столба:

• Првиот столб е задолжителна државна пензија (AHV/AVS) која обезбедува основни приходи.
• Вториот столб претставува професионална пензија која е задолжителна за вработените и овозможува повисок стандард.
• Третиот столб се приватни заштеди и пензиски фондови кои поединците можат доброволно да ги обезбедат за дополнителни приходи.

Комбинацијата на овие столбови им овозможува на швајцарските пензионери висок степен на економска стабилност, често овозможувајќи удобен живот дури и без работа по пензионирањето. Швајцарија е меѓу водечките земји по просечна старосна пензија и очекуван животен век. Многу пензионери уживаат во квалитетни здравствени услуги, што им овозможува здрав и активен начин на живот.

Меѓутоа, Швајцарија има високи трошоци за живот, па трошоците како здравственото осигурување можат да бидат значителен товар за оние со пониски пензии. Социјалните програми им помагаат на оние со пониски примања, обезбедувајќи субвенции за здравствено осигурување и други социјални услуги.

Пензионери во Шведска

И шведскиот пензиски систем се базира на комбинација од јавни и приватни фондови и овозможува пристоен животен стандард за повеќето пензионери:

• Првиот столб е државна пензија која се базира на доживотни приходи и придонеси во текот на работниот стаж.
• Вториот столб е професионална пензија, обезбедена со колективни договори за вработените.
• Третиот столб се доброволни приватни заштеди, кои овозможуваат дополнителни средства.

Шведска е позната по социјалната сигурност и ниските стапки на сиромаштија меѓу постарата популација. Државата обезбедува широк спектар на услуги за пензионерите, од пристап до квалитетни здравствени услуги до субвенционирано домување и помош за оние што живеат сами. Шведска нуди и широка достапност на општествени програми за пензионери, како и можности за учество во разни културни и рекреативни активности.

Меѓутоа, како и во Швајцарија, постарата популација со пониски примања може да чувствува притисок од високите животни трошоци. Развиениот систем на социјална помош помага во решавањето на овие проблеми, правејќи го животот достоинствен за повеќето шведски пензионери.

Пензионерите во Швајцарија и Шведска уживаат релативно висок квалитет на живот благодарение на стабилните пензиски системи и различните социјални услуги. Иако трошоците за живот се високи, социјалните мерки во двете земји значително им олеснуваат на постарите лица да задржат пристоен животен стандард и да се вклучат во општеството. Швајцарскиот систем обезбедува економски сигурна основа со висока пензија, додека Шведска нуди робусна социјална поддршка за оние со пониски примања, што дополнително го унапредува квалитетот на животот на пензионерите.

Затоа и не треба да чуди кога ќе сретне пензионер од Швајцарија или Шведска во ресторан или на некоја од атрактивните локации.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот