Витни Волф Херд е една од најмоќните претприемачки во машкиот свет на технологијата. Има само 33 години, а веќе успеа да заработи милиони благодарение на апликацијата „Бамбл“ што ја создаде. Нејзината приказна инспирира и најдобро покажува дека жените навистина можат сѐ.
Во 2019 година Витни Волф Херд беше прогласена за најмладата милијардерка во светот од „Форбс“. Денес, поради падот на вредноста на акциите на „Бамбл“, има „само“ 940 милиони долари.
Таа ја лансира апликацијата за запознавање луѓе откако драматично го напушти „Тиндер“, каде што работеше, во 2014 година. Потоа го тужеше својот поранешен работодавец за сексуално вознемирување и дискриминација, тврдејќи дека ѝ е одземена титулата коосновач и наводно добивала закани и навредливи пораки од нејзиниот поранешен шеф, кој ѝ бил и партнер.
Случајот брзо го реши „Тиндер“, пред Вулф Хер да се впушти во претприемачките води, барајќи помош од рускиот милијардер Андреј Андреев за да направи алтернативна апликација за запознавање луѓе, која е фокусирана на обезбедување побезбедна средина за жените. Концептот на апликацијата е дека само жените можат да го остварат првиот контакт.
Борба против сексизмот
Иако потекнува од богато семејство, во кариерата наидувала на препреки со кои се сретнале многу жени во светот на технологијата.
На само 22 години Волф Херд се вработила во компанијата „Хеч Лабс“, каде што ги запознала Шон Рад и Крис Гулчински, кои подоцна станале развојниот тим на „Тиндер“. Се шпекулира дека таа ги дизајнирала името и логото на апликацијата, како и дека таа е одговорна за растот на популарноста на „Тиндер“ меѓу студентите.
Таа сега законски не може да зборува низ што поминала во „Тиндер“, но тужбата е решена со над милион долари. Шон Рад набрзо потоа поднел оставка како извршен директор на „Тиндер“.
По правната битка, Витни се соочила и со жесток сајбер-булинг.
- Бев преплавена од омраза на интернет, со многу агресивно однесување, луѓе кои ме навредуваа, ми кажуваа навистина болни работи. Чувствував како целата моја самопочит, самодовербата што ја имав да ми е исцицана. Имаше темни времиња кога мислев: „Тоа е тоа. Нема повеќе да имам кариера. Имам 24 години, доаѓам од една од најпопуларните светски технолошки компании, но интернетот ме мрази.“ Тоа беше страшно време. Но, едно утро се разбудив и си реков: „Ќе се изградам повторно“ - изјави таа во 2018 година.
Колку работиш кога си милионер?
Волф Хед обично се буди секое утро во 5:15 часот и веднаш почнува да одговара на е-пошта. Медиумите дури пишуваа дека таа се буди на секои два часа во текот на ноќта за да провери е-пошта.
- Се обидувам да го спречам тоа. Немам одмор. Немам викенд, немам живеено како 20-годишна девојка откако ја основав „Бамбл“ во 2014 година - вели таа.
Се омажи за тексашкиот нафтен наследник Мајкл Херд на италијанскиот брег Амалфи во 2017 година. Имаат еден син.
Тие се запознале на скијање во Аспен во 2013 година, но Витни првпат го видела на апликацијата за запознавање.
- Тој има лице за паметење - изјави таа во една пригода.
Извор:
Lola Magazin
Фото:
Wikipedia