Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2022 година изнесува 34.364 денари, додека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен за истиот месец изнесува 51.387 денари, соопшти Државниот завод за статистика.
Според податоците на ДЗС, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2022 година, во споредба со декември 2021 година, изнесува 114,8. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: преработувачка индустрија (20,4%), уметност, забава и рекреација (20,2%) и административни и помошни услужни дејности (19%).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во споредба со претходниот месец, е забележано во секторите: транспорт и складирање (10,4%), дејности во врска со недвижен имот (10,2%) и уметност, забава и рекреација (8,4%).