X
 03.04.2021 Наша тема

Растот и на просечната плата и на невработеноста - статистички парадокс. Ни се заканува ли нов бран на отпуштени работници?

Во вакви услови, кога станува повеќе од очигледно дека просечната плата не дава реална слика за економските состојби, потребно е повеќе од кога било конечно да се почне да се утврдува средната плата, вели проф. д-р Здравко Савески

Пандемијата на Kовид-19 не само што ги промени вообичаените животни навики на граѓаните туку ги промени и економските текови, кои по сè изгледа наскоро нема да се вратат „во нормала“. Ковид-кризата повеќе од една година им ги нарушува плановите на компаниите, но и на државите, кои и покрај очекувањата за нејзино скорешно надминување, ќе мора да продолжат да се приспособуваат за да преживеат и во следниве неколку месеци. Од самиот почеток на кризата голем број земји се соочија со масовни отпуштања на работниците и покрај преземените мерки за нивно зачувување, а слична е состојбата и во Македонија.

Бројот на лицата што активно бараат работа постојано расте, а за минатата година Државниот завод за статистика - ДЗС објави дека стапката на невработеноста била 16,4 отсто. Истовремено, и покрај растот на невработеноста, за која сè уште постои опасност да расте поради кризата чиј крај не се наѕира, ДЗС посочи дека расте и просечната нето-плата, која во јануари достигна 28.272 денари. Ваквите податоци се контрадикторни и истовремено создаваат револт кај граѓаните, кои потенцираат дека нивните плати се далеку под просечната плата. Колкава е опасноста следниве месеци да расте невработеноста, но и зошто прикажаната висина на просечната плата наидува на остри реакции кај граѓаните, разговараме со универзитетски професори.


Извор: ДЗС

- Податоците на Заводот за статистика, за невработеноста, просечната плата и економскиот раст се противречни. Од една страна, утврден е пад на БДП три квартали со ред, а и покрај тоа неговите податоци покажуваат дека во последните 20 години имаме и најниско ниво на невработеноста и постојан пораст на просечната плата. Овој статистички парадокс покажува дека сумарните податоци за невработеноста и просечната плата треба подетално да се анализираат. Просечната плата расте поради две причини, поради реалното зголемување на невработеноста, особено во нископлатените сектори. Тие луѓе веќе не земаат плата, па нивните плати не го влечат статистичкиот просек надолу. Второ, постојано се заборава дека приходите што капиталистите си ги исплаќаат како менаџерски плати, исто така, влегуваат во утврдувањето на просекот. Нивното зголемување е причината за порастот на просечната плата. Во вакви услови, кога станува повеќе од очигледно дека просечната плата не дава реална слика за економските состојби, потребно е повеќе од кога било конечно да почне да се утврдува средната плата - вели универзитетскиот професор Здравко Савески и дополнува дека во услови на криза средната плата многу пореално ќе ги прикажи трендовите отколку просечната.


Здравко Савески / Фото: Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје

Савески објаснува дека досега невработеноста во Македонија не се зголемила енормно поради државната помош за фирмите и поради тоа што фирмите прво посегнале кон намалување на платите наместо кон отпуштање работници.

- Бидејќи истовремено можностите за потрошувачка на работниците се намалија, тоа сè уште не се чувствува како драстичен удар по нивниот животен стандард. Но, државната помош за фирмите, која се темели врз енормното задолжување на државата, не може да трае бесконечно. И за очекување е поради намалување на обемот на работа и поради стремежот на капиталистите да ги заштитат своите профити, сè повеќе да се посега по отпуштање работници. А намалувањето на обемот на работа кај едни доведува до намалување на работата кај други фирми. Тоа може да се развие во ефект на снежна топка, односно за многу краток период да видиме драстично зголемување на невработеноста - потенцира Савески.



Од почетокот на кризата, и покрај преземените мерки за поддршка на стопанството, бројот на невработените се зголеми. Иако измина една година од почетокот на ковид-кризата, крајот сè уште е далеку, а поради неа одредени компании и сектори, поради рестриктивните мерки, се оневозможени да работат цела година. Дополнително, слабото темпо на вакцинација и зголеменото ширење на вирусот може да доведат и до нови рестрикции, со што пандемијата им се „заканува“ на работниците и со отпуштање.

На прашањето дали може да очекуваме понатамошен раст на бројот на невработени во земјава поради состојбата со пандемијата, професорот Томе Неновски од Универзитетот „Американ колеџ“, кој е и поранешен гувернер, посочува дека растот на бројот на невработените ќе зависи од примената на владините мерки.

- Многу е битно дали мерките од петтиот и од претходно нецелосно реализираните пакет-мерки за санирање на состојбите во економијата ќе се реализираат со потребната динамика и со ефективно и правилно насочување на средствата за помош кај економските субјекти. Истовремено, значајно е и дали економско-здравствената криза ќе продолжи со истото или дури и со засилено темпо отколку досега или таа постепено ќе се намалува со оглед на очекуваните ефекти од вакцинацијата на населението. Како и да е, стопанствениците се претпазливи и во зависност од силата и ефективноста на дејствувањето на економско-здравствениот план на надлежните институции, компаниите ќе го задржат или (не дај Боже) намалат бројот на вработени - рече Неновски.

Проф. д-р Томе Неновски / Фото: „Американ колеџ“

Тој објасни дека во услови на рецесија, вообичаено, стопанствениците реагираат на два начина: со намалување на бројот на вработени лица или со намалување на платите на поголемиот дел од вработените и на тој начин ја заштитуваат големината на нивните добивки, односно го намалуваат товарот на појавувачките загуби во нивното работење.
Што се однесува до порастот на просечната плата, професорот Неновски укажува дека ако се земат предвид објавените бројки за нови невработени во стопанството како резултат на рецесијата на земјата и притоа, ако се претпостави дека најголем дел од нив биле со пониски примања од просечните во земјата, реално е да се претпостави дека порастот на просечната плата се должи на намалениот број нископлатени работници, така што примањата на високоплатените работници, автоматски, го зголемуваат просекот на платите во земјата.
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема