X
 03.08.2026 Живот

Колку просечни плати се потребни за стан од еден милион евра во ЕУ?

Без разлика дали станува збор за скромен двособен стан во центарот на Париз или за раскошна вила на периферијата на Софија, купувањето недвижност вредна милион евра во Европската Унија бара приходи кои значително ги надминуваат националните просеци.

Анализата на податоците од „Евростат“ и аналитичката куќа „Еуроњуз бизнис“ покажа поразителна пресметка: во ниту една земја од ЕУ една просечна плата не е доволна за да ја покрие месечната рата од кредитот за ваков дом.

Месечна рата од 3.600 евра

За купување недвижност од милион евра, со типични услови за кредит (учество од 20 отсто, фиксна каматна стапка од 3,5 отсто на 30 години) потребно е учество од 200.000 евра и кредит од 800.000 евра. Месечната рата изнесува точно 3.592 евра.

За да се испочитува правилото ратата да не преминува една третина (33 отсто) од приходите, купувачот мора да има месечна бруто-плата од дури 10.886 евра (односно 130.631 евро годишно).

Каде се недвижностите најдалеку, а каде најблиску до просечниот работник?


Разликите меѓу членките на ЕУ се огромни - распонот на потребните просечни заработувачки варира од нецели 2, па сѐ до речиси 8 просечни плати:

Бугарија на дното од скалата

На човек кој живее сам и има просечна плата во Бугарија му се потребни дури 7,8 просечни плати за да го финансира овој кредит. Во чекор ја следи Грција со 7,2, Унгарија со 6,7 и Словачка со 6,3 просечни плати.

На спротивниот крај е Луксембург, каде што за покривање на ратата се потребни 1,6 просечни плати.

Во Германија се потребни 2,7 просечни плати, во Франција 3,1, додека во Шпанија (4,0) и Италија (4,1) недвижност од милион евра е значително потешко достижна.

Кога станува збор за регионот, во Хрватска за стан од милион евра се потребни 5,2 просечни плати, а во Словенија 3,7.

Две просечни плати? Недоволно

Дури и кога пресметката се прави за партнери кои работат и заработуваат просечна плата, ситуацијата не се менува драстично.

Луксембург е единствената земја во Европската Унија во која двајца вработени со просечни плати (вкупно околу 13.400 евра бруто месечно) можат да се вклопат во рамките од 33 отсто од приходите и да си дозволат дом од милион евра. Во Данска се блиску до таа граница, додека во Бугарија дури и на пар со две просечни плати би му биле потребни уште речиси четирипати повеќе пари за да ја покрие месечната рата.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот