X
 22.04.2020 Технологија

Апликации за видеоповици што се подобар избор од популарниот „Зум“

Апликациите за видеоконференции и видеоповици со години постојат и некои луѓе редовно ги користат. Но, во тек е пандемијата на коронавирусот што предизвика луѓето да работат од дома, па така популарни станаа видеоповиците наместо состаноци во живо.


Една од апликациите што доживеа светска популарност (иако на пазарот е достапна веќе неколку години) е „Зум“. Но, како што нејзината популарност растеше, така растеа и пријавите против „Зум“ поради кршење на приватноста на корисниците, слабата безбедност на корисничките податоци, но и сè поголемиот број компании и држави кои на своите вработени им забранија користење на оваа апликација.

Што користат тие за видеоконференција ако „Зум“ е недостапен?

Верувале или не, на пазарот постојат различни апликации што може да се користат за видеоконференции. Вистина, ги немаат истите можности, но заедничко им е што се едноставни за користење.

video
Фото: Pixabay

„Вајбер“

Ако го користите „Вајбер“ на вашиот паметен телефон, веројатно ги знаете основите за воспоставување видеоповици. Доволно е да ја изберете личноста во вашиот именик во апликацијата, да кликнете на камерата и да почекате личноста да се јави. Истиот принцип е и ако воспоставите видеоповик преку апликацијата од компјутер. Потребно е да инсталирате „Вајбер“ за компјутер, да го поврзете со мобилната апликација и потоа да кликнете на личноста на која сакате да ѝ се јавите.

„Вајбер“ нуди опција за групен повик, така што без проблем можете да се јавите на цел тим или семејство.

„Скајп“


Ова е една од најпознатите апликации за воспоставување видеоповици и видеоконференции. „Скајп“ поддржува до 50 учесници во повик, повикот може да трае колку што ви треба, а нуди и опција за снимање на повиците. Важно е да ја преземете апликацијата и да се регистрирате за да се јавувате.

Ако не сакате да ја преземете апликацијата, „Скајп мит нау“ е бесплатна и без отворање на профил.

„Мајкрософт тимс“

Ако користите „Офис 365“, тогаш добро сте запознаени со алатката за видеоповици „Мајкрософт тимс“. Замислена како алатка за соработка меѓу вработените, во време на пандемијата почна да се користи и за далечинско учење. Може да ја користи секој, дури и ако нема претплата на „Офис 365“. Доволно е да се пријавите за бесплатна верзија со вашата е-пошта и потоа можете да се јавувате и да примате видеоповици, да го споделувате екранот и документи до 10 гигабајти.

„Гугл хенгаутс“/ „Хенгаутс мит“

Ако ги користите услугите на „Гугл“ за приватни или бизнис-цели, ви се нуди можност за воспоставување на видеоповици преку „Хенгаутс“: Ако сте корисник на „Џи Суит“, веројатно нема да треба дополнително да плаќате за користење на „Хенгаутс мит“. Ако не можете да го пробате, првите две недели е бесплатен. Ако користите „Џимејл“, тогаш можете да го користите обичниот „Хенгаутс“ за воспоставување повици.

„Видеолинк2ми“

Овој сервис не бара инсталација на никаква апликација и не е важно која апликација за видеоповици ја користите вие или вашите колеги. Доволно е да ја отворите во веб-пребарувачот, да почнете видеоповик и сервисот ќе создаде единствен линк за вашиот повик. Само споделете го линкот со оние со кои сакате да комуницирате.

„Слек“


Ако работите во голема компанија, веројатно сте слушнале за „Слек“, апликација за чет во рамките на компанијата. Но, „Слек“ има можност и за воспоставување видеоповици и аудиоповици. Ако вашата компанија користи бесплатна верзија на „Слек“, можете да воспоставите директни повици само со една личност, но ако има претплата, можете да направите видеоконференција до 15 луѓе.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија