„Фејсбук“ размислува за промена на почетната страница на корисниците и начинот на кој ќе се прикажуваат информациите. Во моментот на корисниците прво им се прикажува содржината што за нив ја избрал алгоритам и е базирана на нивните интереси, историјата на пребарување и слично.
Сега со промените „Фејсбук“ ќе стане побрз и поедноставен. Од компанијата размислуваат за воведување опција на врвот на екранот со која би се управувало со поставките на почетната страница. Така би имале три опции за вашата почетна страница: да ги гледате најважните информации, да ги гледате најновите информации или да ги гледате веќе видените информации. Последната опција би ги прикажувала објавите што веќе сме ги виделе, а би сакале повторно да ги прочитаме или да погледнеме нови коментари. Интересно е што оваа опција веќе постои на „Фејсбук“ и е достапна на facebook.com/seen.
Промената ја откри инженерот Џејн Манчун Вонг, проучувајќи го кодот на апликациите на „Фејсбук“ за „Андроид“.
Портпаролот на „Фејсбук“ потврди дека опцијата е во фаза на тестирање и е достапна само во рамките на компанијата. Како што вели тој, ја тестираат опцијата за да видат дали со неа ќе биде полесно да се најдат и да се сортираат постовите што корисниците веќе ги виделе.