Децо, успеавме! 200 донирани компјутери, од кои последните 100 се за шест месеци!
Вака Борче Стаменов го соопшти донирањето на јубилејниот 200. компјутер.
Борче веќе одамна ѝ е познат на македонската јавност по неговата хуманост. Тој е човекот кој неуморно работи на поправка на стари компјутери и нивно донирање. Кавадарчанецот веќе неколку години мами насмевки на лицата на оние на кои помошта им е најпотребна и предизвикува восхит кај сите нас.
Борче објави и мала статистика за неговите донации:
- 200 донирани компјутери;
- Ако се земе дека пазарната вредност на овие 200 компјутери комплет со екран, тастатура и глувче е околу 3.000 денари, тогаш е донирана опрема во вредност од околу 600.000 денари;
- Потрошени повеќе од 400 работни часа за средување, што во парична вредност би било околу 250.000 денари;
- За проверка и контрола на исправност се донесени околу 400 компјутери, потрошени се околу 200 работни часа, што во паричен износ би било околу 60.000 денари;
- Потрошен занемарлив износ за плаќање карго онаму каде што имало потреба;
- Отпадот прописно одложуван во Нула отпад за да се заштити околината од електронскиот отпад.
Сепак, тој на крајот истакнува дека кога ќе ги земе предвид среќата и радоста предизвикани од акцијата, статистиката не е ни важна.