Катарскиот Фонд за развој најави дека преку донација ќе им помогне на преживеаните во погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција да најдат привремено засолниште во 10.000 монтажни објекти, кои беа користени за време на Светското првенство во фудбал.
Околу 1,4 милиони фудбалски навивачи беа сместени во монтажни куќи за време на Мундијалот што се одржа во Катар од 20 ноември до 18 декември.
- Првата серија од 350 објекти е испорачана во неделата - соопшти денеска катарскиот Фонд за развој.
Десетици илјади згради се уништени или тешко оштетени во катастрофалниот земјотрес што минатиот понеделник ги погоди југот на Турција и северот на Сирија, оставајќи милиони луѓе без покрив над главата.
Извор: МИА