X
 09.08.2021 Наша тема

Борче Стаменов стаса до 1.000 донации: Чувството е исто како и за првиот дониран компјутер, но 10.000 пати посилно

Кавадарчанецот Борче Стаменов, кој собира расипани лаптопи и компјутери и од нив креира нови кои ги праќа онаму каде што е потребно, денеска гордо објави дека го испратил јубилејниот 1.000. компјутер. Чувството е исто како и за првиот дониран компјутер, вели тој, пет години по започнувањето на иницијативата која одекна далеку и го привлече вниманието и на италијанските продукции, кои најавија снимање на документарец за истата.

-За нас е важно секое дете, ученик или семејство да има дома барем еден компјутер. Компјутерот е основна алатка без кој денешното образование и живот воопшто не можат да се замислат. Чувството е исто како и за првиот дониран компјутер, исто како и за првата предизвикана насмевка, но засилено за 10.000 пати - вели тој.

Борче веќе ѝ е добро познат на јавноста по иницијативата наречена „Донирај компјутер“, со која тој веќе пет години испорачува радост низ Македонија.

-Првиот компјутер замина 20 декември 2016 година кога во канцеларија дојде една женичка и побара да не случајно ни се наоѓа било каков компјутер за нејзините дечиња. Тоа беше и почетокот на „Донирај компјутер“ - вели Борче.

Тој објаснува дека нивна таргет-група се социјално загрозените семејства, а потребата од иницијативата дошла до израз за време на пандемијата, кога, всушност, и тој успева да испрати рекорден број на компјутери.

-Потребата од ваква иницијатива дојде до израз за време на пандемијата со ковид-19, кога цело обрзование се префрли на домашен терен. Нашата држава едноставно не беше спремна за таков чекор, како и повеќето други држави. Ние успеавме на тие семејства во рок од 10 месеци да им обезбедиме 800 компјутери и да им го олесниме учењето на децата. Не секој беше подготвен да издвои средства од ограничениот домашен буџет за набавка на нов компјутер. Тоа се гледа од бројот на апликанти кој секојдневно го имаме и се зголемува. Ние во „Донирај компјутер“ го знаеме ова и на овој начин решивме да им помогнеме прво на семејствата, а паралелно и на државата - изјави Борче.

Тој на „Фејсбук“ направи и мала пресметка околу тоа колку вреди досегашната работа на „Донирај компјутер“.

-Во овие 5 години имаме добиено околу 1.500 половни компјутери. Околу стотина од нив беа некористиливи или прастари за да може да се искорисни било што од нив. Преостанатите 1400 да речеме, се проверувани по повеќе пати за исправност. Од нив имаме искористено делови за да докомплетираме други. И така стигнавме до бројот 1.003 донирани компјутери. Ако ги претвориме тие 1.400 во работна рака или финансии, само за проверка или дијагноза имаме донирано 840.000 денари. Затоа што останаа 1.003, сите тие подлежеа на процес на средување (инсталација на ОС и програми). Во просек таа работа чини околу 600 денари. Со тој чекор во облик на работна рака и време сме донирале уште 601.800 денари. Ако ги претвориме тие 1.003 компјутери во средна продажна цена на половен компјутер (куќиште, монитор, тстатура, глувче, кабли за поврзување), која изнесува некаде околу 6.000 денари, добиваме сума од 6.018.000 денари. Или ако ставиме сè на едно купче, добиваме износ од 7.459.800 денари, или ако го претвориме износов во омилената валута на нашите политичари, тоа би било некаде 120.319 евра - се наведува во статусот.

Италијанци сакаат да снимаат документарец за „Донирај компјутер“. Секое дете треба да има исти можности за образование, вели Борче Стаменов

Борче неуморно продолжува да работи, но сега веќе со основано здружение преку кое се надеева дека ќе собере уште повеќе донации и ќе израдува уште многу семејства низ земјата.

- Продолжуваме напред со нови сили. Веќе основавме и здружение на граѓани Донирај компјутер - Кавадарци преку кое се надеваме дека ќе собереме уште повеќе донации и да израдуваме уште 1.000 семејства. Ќе ја подигнеме и транспарентноста, а со тоа и довербата, на уште повисоко ниво. Плановите ги кроиме во движење и за сега се докажа дека тоа ни оди добро - вели тој.


Насловна фотографија: Facebook (Донирај компјутер - Борче Стаменов)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема