X
 22.05.2026 Живот

Грција воведува план против масовниот туризам - еве како тоа ќе влијае врз нашето летување

Грција воведе нова рамка за развој на туризмот со цел да ги намали последиците од прекумерниот туризам, да ги заштити природните и културните добра и да го насочи инвестирањето кон поодржлив развој на туристичките дестинации.

Новиот пристап особено се однесува на најпосетените острови, како Санторини, Миконос и делови од Крит, каде што локалните власти со години предупредуваат на силниот притисок врз инфраструктурата, животната средина и локалното население.

Ограничувања за нови туристички проекти


Според новиот план, туристичките зони ќе бидат поделени според нивото на оптовареност. Во најоптоварените области ќе се воведат построги правила за изградба на нови хотели и апартмани.

Тоа значи ограничување на големината на новите туристички објекти, построги еколошки стандарди за инвеститорите, поголема заштита на природните и културните локалитети, контрола на краткорочно издавање, како „Ербиенби“.

Грчките власти сметаат дека досегашниот модел на масовен туризам повеќе не е одржлив, особено во летните месеци кога бројот на туристи значително ги надминува капацитетите на островите.

Фокус на помалку посетени региони

Новата стратегија предвидува и поттикнување на туризмот во помалку познатите делови од земјата, со цел да се растовари притисокот од најпопуларните дестинации.

Целта е туристичкиот сообраќај да се распореди рамномерно во текот на целата година и низ целата земја, со што би се намалил притисокот врз најпосетуваните места.

Притисок врз цените и локалното население

Масовниот туризам во последните години доведе до нагол раст на цените на недвижности и кириите, особено во Атина и на островите со рекорден број посетители.

Локалното население сè почесто предупредува дека поради ширењето на краткорочното издавање станови, станува сè потешко да се најде долгорочно и пристапно сместување.

Истовремено, големиот број туристи дополнително ги оптоваруваат сообраќајот, водоводната мрежа, енергетската инфраструктура и системите за управување со отпад.

Баланс меѓу туризмот и заштитата

Туризмот останува еден од најважните сектори во грчката економија, но властите нагласуваат дека идниот развој мора да биде повнимателно планиран.

Новата стратегија се фокусира на рамнотежа меѓу економската добивка и квалитетот на живот на локалното население, како и заштитата на природните ресурси.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот