Истражувачите Марина Ткалец, Иван Жилиќ и Ведран Рецхер од економскиот институт од Загреб, во престижниот магазин од полето на туризмот - „International Journal of Tourism Research“ го објавија трудот „Ефектите на филмската индустрија врз туризмот: Игра на троновите и Дубровник“, во кој го оценуваат влијанието на снимањето на серијата врз туристичките резултати.
Резултатите од евалуацијата укажуваат дека снимањето на „Игра на троновите“ во Дубровник има исклучително позитивно влијание врз туризмот. Само поради снимањето на серијата, округот Дубровник-Неретва во периодот од 2012 до 2015 година го посетиле 60.000 туристи на годишно ниво.
Кумулативно гледано, во текот на целиот анализиран период, овој округ поради снимањето го посетиле 244.415 туристи, а потрошиле вкупно 126 милиони евра.
Научниците од економскиот институт во Загреб во наведениот труд откриле дека и снимањето на серијата во Дубровник довело до позитивни туристички резултати и во другите области.
„Игра на троновите“ почна да се снима во Дубровник во 2011 година, во текот на втората сезона. Притоа, Дубровник бил избран како локација на Кингс Лендинг, измислениот главен град на седумте кралства кој често се појавува во серијата. Богатото и извонредно сочувано културно и архитектонско наследство во Дубровник совршено се вклопи во средновековниот контекст на серијата. Овие снимки оставиле силен впечаток врз гледачите на серијата, зголемувајќи го глобалното признавање на Дубровник и стимулирајќи ја побарувачката за туристички посети во градот.
Евалуациите од овој тип имаат голема социјална и економска важност бидејќи им овозможуваат на носителите на јавни политики да ја оценат
исплатливоста за можна инвестиција и привлекување на продукциските компании во иднина.