Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје денеска го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во учебната 2022/2023 година.
Најголемиот универзитет во земјава годинава има вкупно 10.918 слободни места за нови студенти, од кои 5.306 се за редовни кои се финансираат од Буџетот и плаќаат 200 евра партиципација, 4.522 се за редовни со школарина, кои плаќаат по 400 евра и 1.090 се за вонредни студенти. Притоа, исто како и минатата година, најмногу студенти годинава ќе прими Природно-математичкиот факултет - 1.275, а потоа следува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со 1.125, па Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со 1.080, Правен со 1.055 итн.
Првиот рок за пријавување на кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 30 и 31 август, вториот на 15 и 16 септември, а третиот на 28 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.
Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 25 и 26 август, додека проверката на знаењата е на 30 август. Вториот рок за овие кандидати е на 14 и 15 септември, а проверката на знаењата на 16 септември. Третиот рок е на 28 септември. По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.
ТУКА можете да го прочитате целиот конкурс, да погледнете кои документи ви се потребни за упис и колку слободни места има на секој факултет во рамките на најголемиот универзитет во Македонија.