X
 18.07.2018 Наша тема

Билјана Митреска дипломирала на ПМФ со просек 9,93. Десетката ѝ „избегала“ поради една недовршена семинарска задача

Во моментов таа е на постдипломски студии на Институтот за физика и е демонстратор. Покрај ангажираноста во наставата на факултетот, работи и научна работа

Просекот од чиста десетка ѝ избегал за само една оценка, по предметот Компјутерска физика, бидејќи немала време да доврши семинарска задача поради ангажман на друг поголем проект. Но, ова во никој случај не го смета за неуспех. Да се дипломира на теориска физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје со просек 9,93 е успех за славење.

Билјана Митреска, која е еден од најдобрите дипломци на УКИМ, вели дека овој успех е резултат на лична ангажираност и посветеност кон предметите и другите обврски кон факултетот. Вели дека мотивацијата секогаш ја бара и ја наоѓа во желбата да научи нешто ново во физиката, што за неа е најголем предизвик.

- Знаењето што го стекнав на моите додипломски студии на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во никој случај не се разликува со она на кој било универзитет во светот. Имав можност да работам со голем број професори и да бидам дел од нивната научна работа покрај редовните студии. Академскиот кадар на ПМФ секогаш им бил достапен на студентите за какви било консултации и проблеми што ги имаат, така што моето искуство е позитивно – вели Митреска.



Ја прашуваме што всушност ја привлече кон оваа наука?

- Се фасцинирав како физиката егзактно може да ја опише природата со математички апарат кој е експериментално покажано дека е точен за која било појава околу нас. Физиката има многу области што можат да бидат предмет на истражување, за мене од интерес е физика на кондензирана материја и физика на високи енергии – раскажува таа.

Учениците ќе ја засакаат физиката со повеќе лаборатории, а и училишни кампови

Во образовниот систем во Македонија би вовела подетални учебници со информации кои ќе ја доловат суштината на материјата што учениците треба да ја совладаат. Исто така, смета дека се потребни лаборатории каде што ќе има практична примена на знаењата и организација на школи и кампови од стручен тип. Тие ќе овозможат уште подлабоко навлегување во одредена тема. Токму ова, според Митреска, може да го подобри изучувањето на природните науки, а учениците ќе постигнуваат подобри резултати на меѓународните тестирања.

- За совладување на природните науки е потребен дополнителен напор. Учениците не се секогаш спремни да го направат тоа. Она што може да се направи е да се доближи материјалот преку истражувања, проекти и задачи преку кои учениците сами ќе осознаат што проучуваат и така поефикасно ќе го совладаат материјалот.


Билјана Митреска

Во моментов таа е на постдипломски студии на Институтот за физика и на истиот институт е демонстратор. Покрај ангажираноста во наставата на факултетот, работи и научна работа.

- Високиот просек во науката отвора голем број врати, буквално можете да аплицирате на кој било научен проект и веројатноста да бидете примени е голема бидејќи секогаш услов за студентите што аплицираат е да имаат висок просек. Тоа гарантира дека студентот е способен за истражување (било во нашава земја било во странство) – вели таа.

Планира да го продолжи образованието и на докторски студии и да продолжи со научна кариера во академската заедница.
- Во план ми е да работам на научноистражувачки проекти од областа на физиката. На младите луѓе што треба да се запишат на факултет им порачувам да го студираат тоа што го сакаат, што им претставува предизвик и што ќе им носи лична сатисфакција – завршува Митреска.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема