„Патот до просек 10,00 е исклучително предизвикувачки и не се сведува само на интензивно учење пред испитите, туку бара континуирана работа и дисциплина во текот на целата академска година“, вели Едон Реџепи, најдобриот студент на Економскиот факултет, отсек Финансии, кој дипломира со совршен просек и доби признание за најдобар студент на генерацијата 2022-2026.
Реџепи во разговор за Факултети.мк го раскажа своето искуство на Економскиот факултет.
- Да се биде прогласен за најдобар студент во генерацијата на Економскиот факултет, претставува огромна чест и признание за целиот вложен труд, посветеност и истрајност. Тоа е чувство исполнето со гордост, но воедно носи и голема одговорност. Потребно е добро управување со времето, подготвеност за одредени жртви во приватниот и социјалниот живот, како и способност да се издржи постојаниот ментален притисок. Најголемиот предизвик не е совладувањето на материјалот, туку одржувањето на истото високо ниво на посветеност и квалитет кај секој предмет. Во текот на студирањето ја чувствував и довербата и очекувањата од моето семејство, пријателите, колегите и професорите. Нивната поддршка беше силен мотив да продолжам напред, а искрено се надевам дека со постигнатите резултати ги оправдав нивните очекувања - вели Реџепи.
Интересот за економијата, банкарството и финансиските пазари кај Едон се јавил во средно училиште кога се зголемила љубопитноста да разбере како функционираат парите, како се носат финансиските одлуки и како тие влијаат врз секојдневниот живот, без разлика дали станува збор за поединци, компании или држави.
- Финансиите се присутни во секој аспект од животот и токму тоа ми создаде желба подлабоко да ја разберам нивната улога и значење.
Изборот да студирам на Економскиот факултет беше сосема природен чекор. Верувам дека интересот кон оваа област делумно беше формиран уште од најрана возраст, имајќи предвид дека моите родители работат во сфера поврзана со економијата. Домашните разговори често беа поврзани со нивната професија, па уште тогаш почнав да се запознавам со оваа област. Сепак, со текот на студиите сфатив дека најмногу ме привлекуваат финансиите. Токму тие претставуваат спој на аналитичко размислување, математичка логика и разбирање на човечкото однесување. Нивната динамика, потребата од аналитичко размислување и постојаните промени ги направија област во која се пронајдов и во која би сакал професионално да се развивам - раскажува Едон.
Најтешките предизвици во студирањето му биле на почетокот, во прва година кога било потребно да се запознае со стилот на работа на професорите, наставниот материјал, терминологијата и да го совлада стресот при полагањето на првите испити.
- На почеток не ми беше цел да постигнам и да одржам висок просек, но како што поминуваа сесиите и се собираа десетките, начинот на учење ми стана поинтуитивен и се базираше на основата од поранешните години, и така успеав да го одржам истото ниво на посветеност и континуираност во текот на сите четири години.
Најголем интерес ми предизвикаа предметите Финансиски менаџмент, Банкарски менаџмент, Финансиски пазари и институции и предметите поврзани со анализа на финансиски извештаи, бидејќи преку нив најдобро се согледува како функционира реалниот финансиски сектор. Проучувањето на начинот на кој функционираат финансиските пазарите беше област каде што не само што учев, туку навистина уживав во секоја прочитана страница и решена задача - споделува најдобриот студент на Економски.
Едон Реџепи им е благодарен на сите професори за нивниот ангажман, доверба, поддршка и однос.
- Да ја искористам оваа пригода и јавно да им се заблагодарам на сите професори за нивниот ангажман, за нивната доверба, поддршка, пријателски однос, секогаш отворени и достапни, секогаш спремни за дополнителна настава и дообјаснување. Нема доволно зборови да се опише тоа четиригодишно дружење, учење и студирање. Имав можност да соработувам со професори кои секогаш беа достапни за дополнителни прашања, консултации и насоки. Нивната поддршка беше особено значајна при изработката на семинарски, истражувања и дипломската работа. Верувам дека кога студентот покажува интерес и желба за учење, професорите навистина знаат да го препознаат тоа и да му помогнат - истакна Едон.
Тој не ги заборави ниту колегите и пријателите со кои ги споделиле не само предавањата и испитите, туку и најубавите моменти од студентскиот живот.
- Факултетот не беше само место за стекнување знаење, туку и место каде што создадовме пријателства, разменувавме идеи и заедно растевме како личности. Особено ми е драго што преку Факултетското студентско собрание имав можност да бидам дел од многу воннаставни активности, студентски иницијативи, настани и проекти кои ми овозможија да стекнам нови искуства, да запознам прекрасни луѓе и да развијам вештини што не можат да се научат само од книгите - вели тој.
Едон штотуку ја заврши практичната работа во Народната банка на Република Македонија, каде што имаше можност да работи во Дирекцијата за операции на финансиските пазари, Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика и Дирекцијата за монетарна политика и истражување.
- Тоа беше исклучително вредно искуство кое ми овозможи одблиску да видам како функционира една од најважните институции во државата. Во иднина би сакал да работам во областите на финансиската анализа, портфолио менаџментот, инвестициското банкарство или финансиските пазари. Секако, планирам да ги продолжам студиите и на магистерско и докторско ниво бидејќи сметам дека континуираното усовршување е неопходно во оваа професија - откри Едон.
На прашањето за улогата на економистот во македонското општество денес, кога се соочуваме со инфлација, глобални неизвесности и брзи промени на финансиските пазари, Реџепи смета дека потребата од квалитетни економисти е поголема од кога било.
- Добриот економист не треба само да ги разбира бројките, туку и да ги претвора во практични решенија кои ќе придонесат за подобар животен стандард на граѓаните во Македонија - вели Реџепи.
Првенецот на Економски факултет за 10 години се гледа како иден граѓанин на просперитетна и развиена држава и општество, но и како финансиски професионалец кој работи на одговорна позиција, со значително практично искуство и континуирано професионално усовршување. Едон ги откри своите високи амбиции и целта која сака да ја постигне во нашето општество.
-Првично би сакал да бидам дел од институција или компанија каде што ќе можам да учествувам во носењето важни финансиски и економски одлуки кои ќе придонесат за просперитетна држава, а во иднина по можност би сакал еден ден да бидам во позиција не само да учествувам, туку и да придонесувам во креирањето стратешки одлуки кои ќе имаат позитивно влијание врз економскиот развој и општеството во целина. Истовремено, сакам да продолжам да учам, да се надградувам и да придонесувам кон личниот развој, но и развојот на финансискиот сектор во Македонија. За мене, успехот не е само позицијата што ќе ја имам, туку и влијанието што ќе можам да го оставам преку својата работа - заклучи Реџепи.
Фото: приватна архива