Државниот завод за статистика ги објави податоците за демографијата на претпријатијата за 2022 година кои покажуваат дека таа година биле регистрирани 6.384 новосоздадени претпријатија, што претставува 9,6 % од вкупно активните пазарноориентирани претпријатија. Во споредба со 2021 година, забележано е зголемување на бројот на новосоздадените претпријатија за 7,1%, и тоа најмногу во секторите информации и комуникации, снабдување со електрична енергија и гас, транспорт и складирање, како и објекти за сместување и исхрана.
Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (67,6%) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.704), објекти за сместување и сервисни дејности со храна (710) и стручни, научни и технички дејности (659). Секторите преработувачка индустрија и градежништво учествуваат со по 10,5% во вкупниот број новосоздадени претпријатија, стои во извештајот на ДЗС.
Она што паѓа в очи се податоците за бројот на вработени во новите компании. Имено, ДЗС наведува дека новосоздадените претпријатија вработиле 13.828 лица, што претставува зголемување за 15,3% во споредба со претходната година. Податоците покажуваат дека без вработени биле 19% од новосоздадените претпријатија, 75,4% вработиле 1 до 4 лица, додека 3,6% вработиле од 5 до 9 лица.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (84,8%).
Фото: ДЗС
Во 2021 згаснале 4.437 претпријатија
Од ДЗС објавија податоци и за згаснати претпријатија во 2021 година, според кои од вкупниот број активни претпријатија, во 2021 година згаснале 6,7%, односно 4.437.
Гледано по сектори на дејности, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (34,6%) се во секторот трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма, најголем дел од згаснатите претпријатијата (80%) се категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Фото: ДЗС
2020 била кобна за 5.357 претпријатија
Во 2020 година, пак, од вкупниот број активни претпријатија згаснале 9,3%, односно 5.357. Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (33%) се во секторот трговија, а според правната форма, дури 69,7% се категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Насловна фотографија: Freepik